• недела, 22 декември 2024

Николоски: Тендерот за пругата кон Бугарија пропадна, она што е сега понудено е неизводливо за реализација

Николоски: Тендерот за пругата кон Бугарија пропадна, она што е сега понудено е неизводливо за реализација

Скопје, 26 септември 2024 (МИА) - Вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николски соопшти дека тендерот за пругата кон Бугарија е пропаднат. 

Во интервју за „360 степени“, Николоски вели дека не се откажува од идејата за изградба на пруга кон Бугарија, но дека она што сега е понудено е неизводливо да се реализира. Вели дека нема намера да го распише повторно тендерот во онаа форма во која е сега.

- Јас не се откажувам од идејата да изградам пруга со Бугарија, велам само дека тоа што сега е понудено е неизводливо и не може да се реализира. Инаку, сакам да се изгради пруга со Бугарија и ќе направам се за да се изгради, вели Николоски.

Она што треба да се направи, според Николоски, е да се седне со Бугарија и заеднички да се направи проект.

- Треба да седнеме со Бугарија, јас би и утре ама претпоставувам ќе сакаат да завршат изборите и таму и да се формира политичка влада, заеднички да направиме проект, да видиме дали оваа линија е најдобра, да видиме дали има подобра линија. Јас мислам дека има и заеднички да направиме проект, заеднички да најдеме финансирање и заеднички да го тендерираме. Само така има логика. Ако правиме башка ние, башка Бугарија, нема да се заврши никогаш, ако настапиме заеднички како соседни држави оти границите се вештачка работа, тогаш мислам дека апсолутно ќе се реализира, истакнува Николоски.

На прашањето дека дел од парите за пругата се грант и дека доколку проектот не се реализира, тие пари ќе пропаднат, Николоски вели дека тие пари секако ќе се изгубат. 

- Да ви кажам зошто. На тендерот се имаат пријавено шест турски фирми и една грчка фирма, еве првпат кажувам. Грчката фирма е 250 милиони евра поскапа од проценетата вредност што веројатно доволно кажува колку е изводлив проектот. Останатите шест јас гарантирам дека немаат намера да градат. Имаат намера да го земат авансот и да ги снема. Така нема да пропаднат парите?, посочува Николоски во интервјуто. бак/дма/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан