Николоски за Илинден: За слободата на Македонија многу херои ги положиле своите животи, вечна слава!
- Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски упати честитка по повод Илинден - Денота на Републиката со порака дека за слободата на Македонија многу херои ги положиле своите животи.
Скопје, 2 август 2025 (МИА) - Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски упати честитка по повод одбележувањето на 2 Август Илинден - Денот на Републиката.
-Слава им на хероите од битката кај Слива кои ги дадоа животите за слободата на Македонија и слава им на Илинденците и великаните од Илинденската епопеја. За слободата на Македонија многу херои ги положиле своите животи. Вечна слава!, посочува Николоски кој денеска беше дел од владината делегација во Крушево.

Вицепремиерот Николоски положи цвеќе на гробот на Никола Карев и на споменикот на хероите на месноста „Слива“, а присуствуваше и на панихида во храмот „Св. Никола“.
-За Илинден традиционално во славно Крушево! Поклон пред великанот и Претседателот на Републиката Никола Карев. Слава му! Ова е најголемиот празник за Македонија, за Македонците,за македонската држава. Јас сум традиционално тука секоја година, од дете доаѓам и пред да се занимавам со политика и откако се занимавам со политика сега, без разлика дали во опозиција или на власт, секогаш сакам да сум тука во Крушево. Еве денеска имам чест да ја предводам делегацијата на Владата на Македонија која што е составена од министерот Љутков и од министерот Азир Алиу така што и вчера и денес сме во Крушево заеднички со крушевчани и сите кои што доаѓаат од Македонија го славиме празникот.
Би сакал да го честитам празникот на сите Македонци, да посакам мир,благосостојба и убави денови и многу здравје пред се и убави денови за Македонија, порача Николоски во објавата на фејсбук.
Министерот Николоска синоќа на Гумење во Крушево присуствуваше на отворањето на манифестацијата „10 Дена Крушевска Република“.фф/вг/
Фото: Фејсбук на Александар Николоски