• недела, 22 декември 2024

Низ личен пример воспоставете ја родовата еднаквост, им порача Шахпаска на жените менаџерки

Низ личен пример воспоставете ја родовата еднаквост, им порача Шахпаска на жените менаџерки
Скопје, 27 мај 2021 (МИА) - Да се биде жена лидер е навистина предизвик, потребна е желба и двојно поголем напор од мажите за да се постигне целта. На пречките и на проблемите треба да им се погледне во очи и кога сите ве убедуваат дека е тешко, треба да се биде упорен и да се продолжи понатаму. И токму тоа го гледам во оваа сала. Гледам храбри и силни жени чиј успех не бил лесен, гледам жени кои се соочувале со предизвици, но се доволно храбри да сонуваат и се доволно упорни да го остварат својот сон, рече министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска на 25. јубилејна манифестација „Избор на најуспешни жени менаџерки”. Таа пред присутните дами и останати гости истакна дека не само во сферата на економијата и на бизнисот, туку и во политиката, за да се стигне на позиција од која се носат одлуки, патот е трнлив. -И токму затоа, треба сите заедно да работиме за унапредување на родовата еднаквост. Во последните неколку години како Влада постигнавме значителен напредок во развојот и имплементацијата на агендата за родова еднаквост. Ја воспоставуваме родовата еднаквост и ја зајакнуваме улогата на жената во општеството преку активности, мерки, но и  законски решенија, потенцира Шахпаска.     Во таа насока, таа ги посочи Законот за спречување и заштита од дискриминација во 2020 година и формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во 2021 година, Законот  за родова еднаквост и Законот за минимална плата со кој во 2017 година прв пат минималната плата беше изедначена за работниците во индустријата за текстил, кожа и чевли во кои индустрии најголем процент на вработени се жени, како законски решенија кои се во насока на унапредување на родовата еднаквост. Шахпаска се осврна и на проектот за родово одговорно буџетирање кој го спроведува Министерството за труд и социјална политика и кој е суштински важна алатка за мониторинг на активностите за вклучување на родовите прашања во главните стратегии и политики. -Во јануари 2021 година Собранието на предлог на Владата со консензус гласаше за еден од најважните закони во оваа насока - Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство. Закон кој што ги обедини и власта и опозицијата, затоа што насилството не познава вера, националност, партија или било каква друга припадност, рече министерката. Таа подвлече дека борбата против социјална исклученост и дискриминација и  родовата еднаквост продолжува. - Сонувајте, бидете визионери, бидете упорни и работете на остварување на вашиот сон. Низ личен пример воспоставете ја родовата еднаквост во бизнисите кои вие ги водите. Само на тој начин ќе постигнеме целосна родова еднаквост, им порача министерката Шахпаска на присутните дами, жени менаџерки, на јубилејниот „Избор на најуспешни жени менаџерки”. мч/сп/

Остани поврзан