Во судир меѓу војската и бунтовниците во Нигерија загинаа околу 40 лица
- Околу 40 лица загинаа во судир меѓу полицијата и исламските екстремисти во североисточната нигериска сојузна држава Борно, соопшти денеска тамошната војска.
Абуџа, 8 јануари 2025 (МИА) - Околу 40 лица загинаа во судир меѓу полицијата и исламските екстремисти во североисточната нигериска сојузна држава Борно, соопшти денеска тамошната војска.
Во извештајот се наведува дека меѓу загинатите има најмалку шест војници и 34 екстремисти.
Според изјавата на портпаролот на нигериската војска, Едвард Буба, бунтовниците биле вооружени и нападнале со мотоцикли и камиони, извршувајќи ненадеен напад врз војниците, кои возвратиле со отпор.
Борно е жариште на насилство во Нигерија од 2009 година, кога екстремистичката група Боко Харам го започна бунтот, кој потоа се прошири и на три соседни земји во регионот на езерото Чад. Како резултат на тоа беа убиени повеќе од 35.000 луѓе, а раселени се 2,6 милиони лица.
Според аналитичари, завршувањето на војната претставува сериозен предизвик поради недостиг на политичка волја и слободно прекугранично движење на бунтовниците. Војската не е во можност да обезбеди прецизни и навремени разузнавачки податоци за движењата и плановите на Боко Харам, што дополнително ја комплицира ситуацијата. ссм/
фото: архива