• петок, 05 декември 2025

Нигерија одбива да прими депортирани лица од САД, меѓу кои и поранешни затвореници

Нигерија одбива да прими депортирани лица од САД, меѓу кои и поранешни затвореници

Абуџа, 11 јули 2025 (МИА) – Нигерија одби да прифати депортирани мигранти од САД со потекло од Венецуела, вклучително и лица неодамна ослободени од американски затвори, изјави нигерискиот министер за надворешни работи Јусуф Тугар.

Тугар за локалната телевизија „Ченелс ТВ“ посочи дека САД вршат силен дипломатски притисок врз неколку африкански држави да прифатат депортирани лица, како дел од новиот имиграциски план на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

– Земја како Нигерија не може да прифати венецуелски затвореници. Имаме доволно сопствени предизвици, вклучително и население од 230 милиони жители, изјави Тугар од Бразил, каде присуствуваше на самитот на БРИКС.

Трамп, претходно оваа недела се сретна со претседателите на Либерија, Сенегал, Гвинеја-Бисао, Мавританија и Габон во Белата куќа, каде предложи план според кој африканските држави би прифаќале мигранти од трети земји кога директното враќање во матичната земја е проблематично.

Од враќањето на власт во јануари, Трамп инсистира на забрзана депортација на илегални мигранти, вклучително и преку нивно пренасочување кон трети земји. ссм/

фото: ЕПА архива

Остани поврзан