Нешиќ од полициската станица во источно Сараево спроведен во Обвинителството на Босна и Херцеговина
- Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ утрината од полициската станица во Источно Сараево е спроведен во Обвинителството на Босна и Херцеговина, каде што ќе биде сослушан во законскиот рок.
Бања Лука, 27 декември 2024 (МИА) - Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина, Ненад Нешиќ утрината од полициската станица во Источно Сараево е спроведен во Обвинителството на Босна и Херцеговина, каде што ќе биде сослушан во законскиот рок.
По распитот обвинителот ќе донесе одлука дали за Нешиќ ќе се бара притвор.
Нешиќ и уште петмина уапсени во вчерашната акција „Тунел 2“ се осомничени за перење пари, примање поткуп и злоупотреба на службената положба и овластување во периодот од 2016 до 2020 година.
Според медиумите во БиХ, Нешиќ бил уапсен поради спорната набавка на сол за фрлање на патиштата од Египет во 2017 година, кога бил директор на „Патишта РС“.
Уапсен е и неговиот близок соработник Младен Лучиќ, сопственик на фирмата „Легенд“ од Источна Илиџа, преку која контроверзната сол се увезувала од Египет и се препродавала на патни компании во РС по цена значително повисока од набавната.
На овој начин незаконски се стекнале со повеќемилионска сума. рп/
Фото: МИА архива