• петок, 27 декември 2024

Нетанјаху: Ќе најдам начин да ги натерам ултраортодоксните Евреи да служат во Армијата

Нетанјаху: Ќе најдам начин да ги натерам ултраортодоксните Евреи да служат во Армијата

Ерусалим, 1 март 2024 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека неговата влада ќе најде начин да го отстрани ослободувањето на ултраортодоксните Евреи од задолжителна воена служба. Премиерот ја даде изјавата во услови на политичка тензија околу ова прашање, загрозувајќи ја иднината на владејачката коалиција, објавија британските медиуми. 

-Ќе поставиме цели за воведување на задолжителна воена и државна служба и за ултраортодоксните луѓе и ќе идентификуваме начини за исполнување на овие цели, рече Нетанјаху на прес-конференција. 

Во 2018 година, израелскиот Врховен суд го отфрли законот кој им дозволуваше на ултраортодоксните мажи да не се приклучуваат на војската. Во причините за одлуката беше посочено дека товарот на задолжителниот воен рок треба да биде подеднакво распределен на целото израелско општество.

Сепак, парламентот допрва треба да усвои нови правила за да го реши прашањето според одлуката на Врховниот суд, а дозволата на владата привремено да продолжи со исклучувањето на оваа категорија израелски граѓани од воена служба истекува овој месец.

Претходно министерот за одбрана Јоав Галант изјави дека нема да дозволи сегашниот привилегиран статус на ултраортодоксните Евреи во врска со нивното учество во војската да продолжи во иднина.

-Ги цениме и ги поддржуваме оние кои ги посветуваат своите животи на проучување на светите еврејски списи, но без да се гарантира физичкото постоење, не е можно да се гарантира духовното, рече Галант во средата.

Ослободувањата од воен рок за ултраортодоксните Евреи одамна предизвикуваат јавна тензија меѓу нив и секуларните граѓани кои беа погодени од мобилизацијата за војната во Газа.

Ултраортодоксните Евреи сочинуваат околу 13 проценти од населението на Израел, а до 2035 година нивниот удел се очекува да се зголеми на 19 посто поради нивниот висок наталитет. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан