• четврток, 26 март 2026

Нетанјаху: Со барањето да прекине израелската операција во Појасот Газа се наградува Хамас

Нетанјаху: Со барањето да прекине израелската операција во Појасот Газа се наградува Хамас

Тел Авив, 20 мај 2025 (МИА) – Премиерот на Израел, Бенјамин Нетанјаху денеска ги обвини лидерите на Велика Британија, Франција и на Канада дека на Хамас му даваат „голема награда“ со тоа што вчера повикаа на прекин на интензивираната воена операција во Појасот Газа.

Британскиот и канадскиот премиер, Кир Стармер и Марк Карни и претседателот на Франција, Емануел Макрон вчера ја осудија „скандалозната“ ескалација на насилството во Појасот Газа, предупредувајќи на „конкретни акции“ доколку Нетанјаху не го промени курсот.

Нетанјаху повтори дека Израел инсистира на „целосна победа“ над Хамас.

Стармер, Макрон и Карни во заедничка изјава наведоа дека доколку Израел не ја прекине обновената воена офанзива и не ги укине ограничувањата за хуманитарна помош, ќе бидат преземени понатамошни конкретни акции како одговор“.

- Секогаш сме го поддржувале правото на Израел да ги брани Израелците од тероризам. Но, оваа ескалација е целосно непропорционална, се посочува во заедничката изјава.

Тие исто така го повикаа Хамас да ги ослободи заложниците, киднапирани при „грозоморниот напад“ на 7 октомври 2023 година.

- Со барање Израел да ја прекине одбранбената војна за наш опстанок пред терористите на Хамас на нашата граница да бидат уништени и со барање за палестинска држава, лидерите во Лондон, Отава и во Париз нудат огромна награда за геноцидниот напад врз Израел на 7 октомври, а воедно повикуваат на уште такви злосторства, наведе Нетанјаху.

Според него „војната може да заврши утре ако преостанатите заложници бидат ослободени, Хамас го положи оружјето, неговите убиствени лидери бидат протерани и Газа е демилитаризирана“.

- Од ниедна нација не може да се очекува да прифати ништо помалку, а Израел сигурно нема. Ова е војна на цивилизацијата поради варварството. Израел ќе продолжи да се брани со праведни средства сè додека не се постигне целосна победа, истакна Нетанјаху. ми/

фото: ЕПА

Остани поврзан