• понеделник, 23 декември 2024

Нетанјаху најверојатно ќе ја запре реформата на правосудството по масовните протести низ Израел

Нетанјаху најверојатно ќе ја запре реформата на правосудството по масовните протести низ Израел

Тел Авив, 27 март 2023 (МИА) - Израелската влада води дебата за тоа дали да ја замрзне нејзината контроверзна планирана судска реформа, откако вчера, по смената на министерот за одбрана, Јоав Галант, во земјата избија масовни протести, објави денеска „Џерусалим пост“.

Десетици илјади луѓе спонтано се собраа во Тел Авив за да протестираат поради тоа што израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го разреши министерот Галант, откако тој ја повика владата да ја прекине реформата, чии клучни елементи се очекува да бидат усвоени во следните неколку дена.

Во Ерусалим, гневните демонстранти наводно ја пробиле блокадата во близина на резиденцијата на Нетанјаху, иако не е јасно дали 73-годишниот премиер бил дома.

Со оглед на ситуацијата, Нетанјаху свика итен состанок. Според „Џерусалим пост“, разговорите што почнаа уште синоќа продолжија до раните утрински часови.

Лидерите на израелската екстремно десничарска коалициска влада денеска треба да се сретнат во кабинетот на премиерот, јави порталот Унет.

Извор од партијата Ликуд, на премиерот Нетанјаху, за британските медиуми изјави дека првиот човек на израелската Влада најверојатно ќе ја запре реформата.

Претходно, истото го побара и израелскиот претседател Исак Херцог, повикувајќи ја владата да ги запре планираните контроверзни судски реформи откако земјата синоќа беше потресена од насилни протести.

„Во име на единството на израелскиот народ, во име на одговорноста, ве молам веднаш да го запрете законодавниот процес“, напиша Херцог на Твитер рано утринава, во апелот до екстремно десничарската коалициска влада на премиерот Бенјамин Нетанјаху. .

„Луѓето се обеземени од длабок страв“, наведе Херцог, додавајќи дека безбедноста, економијата и општеството на Израел се загрозени.

САД изразија длабока загриженост и повикаа на итен компромис по избувнувањето на протестите во Тел Авив. сд/

Остани поврзан