• петок, 04 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Нетанјаху вети дека ќе ги врати заложниците во порака по повод еврејскиот празник Пасха

Нетанјаху вети дека ќе ги врати заложниците во порака по повод еврејскиот празник Пасха

Тел Авив, 11 април 2025 (МИА) - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска во порака по повод еврејскиот празник Пасха го повтори ветувањето дека ќе ги врати заложниците кои се уште се во Појасот Газа.

Неговата изјава доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп соопшти за напредок во преговорите за ослободување на заложниците. На вчерашната седница на американската Влада тој рече: „Се приближува времето кога ќе можеме да ги вратиме назад“.

Во видео обраќањето по повод еврејската Пасха, Нетанјаху истакна дека „во многу семејства ќе има празни столчиња“.

„Заедно ќе ги вратиме заложниците, заедно ќе ги победиме нашите непријатели, заедно ќе ги поддржиме ранетите и заедно ќе ги наведнеме главите во спомен на загинатите“, рече тој.

Израелските медиуми денеска објавија дека Египет и Израел размениле нацрт-предлози поврзани со договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците.

Според весникот „Тајмс оф Израел“, египетскиот предлог вклучува враќање во Израел на осум живи заложници и осум тела на мртви заложници во замена за прекин на огнот од 40 до 70 дена и ослободување на голем број палестински затвореници. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан