• вторник, 01 октомври 2024

Несекојдневни обичаи и традиции во белгиското образование 

Несекојдневни обичаи и традиции во белгиското образование 

Брисел, 8 септември 2024 (МИА) - Чествување на последните 100 дена од средното образование, екскурзии на море, во шуми и во странство и активности за „проширување на видиците на учениците“, се само некои од начините на кои Белгија се обидува својот сложен и фрагментиран образовен систем да го направи нешто повеќе од само трка за добивање добри оценки. 

Училиштата во сите јазични заедници – холандската, француската и германската, организираат активности, екскурзии и настани, како во училишните простории, така и надвор од нив. 

Ден на карневалот 

Карневалската сезона во Белгија започнува шест недели пред Велигден и се слави низ целата земја, вклучително и во училиштата. 

Во тој период во училиштата се организира Ден на карневалот, кога учениците се маскираат во своите омилени суперхерои или животни, па дури и храна. Некои училишта организираат карневалски паради, а други приредби со изведба на песни или танци. 

На овој ден нема здодевни предавања и тестирања, туку само забава. 

Настава во природа  

Наставата во природа (на море или во шуми) е вообичаена практика во белгиските училишта и за многумина ученици тоа е првпат да се одвоени од своите родители на еден или два дена. 

Во последната година од основното образование се организираат две тридневни посети на белгискиот морскиот брег и на реонот на планините Ардени, каде учениците се запознаат со природата и карактеристиките на тамошната флора и фауна. 

Освен што учат за карактеристиките на природата, учениците се во можност постојано да се дружат, живеат и играат со своите школски другари, што создава услови за воспоставување на силни пријателства кои продолжуваат и по завршувањето на образованието. 

Дополнително, во средните и во некои основни училишта се одржува и т.н. настава на снег, каде учениците учат да скијаат.   

Последните 100 дена 

Учениците во последната година од средното училиште своето матурирање го одбележуваат со настан кој се одржува во последните сто или во некои места 50 дена од образованието. 

Во повеќето училишта на холандски јазик тој настан се нарекува „Стодневно училиште“, во фламанските провинции Лимбург, Антверпен и Брабант – „Златоуст“, а во приморските реони - „Ден на капата“. 

Во училиштата каде наставата се одржува на француски јазик овој настан е наречен „100 дена на матурантите“. 

На овој ден, матурантите ги исмеваат наставниците и нивните соученици, при што особено популарно е задевањето или шегувањето со помладите браќа и сестри или нивните пријатели.  Вообичаено е украсување на ходниците на училиштата, одржување на прослави и забави во училишните дворови, а во некои случаи и предизвикување неред во ограничена форма. 

Ученички совети 

Повеќето белгиски училишта имаат Ученички совети, што ги сочинуваат избрани ученици кои ги застапуваат интересите на нивните соученици, но воедно и овозможуваат да воспостават врска со нивните наставници и родители. 

Советите вообичаено редовно организираат различни настани, како приредби, скара за време на паузите за ручек или други манифестации и активности за учениците од целото училиште.  

Ученички совети воено се место за поврзување и дружење на ученици од различни години на образование. 

Казни 

Речиси и да нема ученик кој барем еднаш за време на образованието не заработил казна која се состои од останување на дополнителни часови по завршување на наставата.  

Оваа казна се изрекува заради недоличното однесување, трипати доцнење на часови или шетање по ходници за време на наставата. 

Во едно училиште во Лимбург поради нередот предизвикан за време на „Стодневно училиште“, со останување по часовите е казнет дури цел еден клас. сп/

Фото: МИА Архива

 

 

Остани поврзан