• петок, 17 јануари 2025

Непознати лица украле дел од тревник поставен на плоштад во атинска населба

Непознати лица украле дел од тревник поставен на плоштад во атинска населба

Атина, 17 јануари 2025 (МИА) – Непознати лица украле дел од новиот тревник поставен на плоштад во атинска населба, а градоначалникот Јанис Константатос преку видео објавено на социјалните мрежи коментира дека мислел дека досега видел сè и не очекувал некој да го украде тревникот, јави дописничката на МИА од Атина.

Градоначалникот на општината Елинико-Аргируполи каде што се случила кражбата во видеото вели дека во неговиот мандат се има соочено со катастрофи, вандализми, штети, кражби.

- Но, дека ќе ни го украдат новиот тревник поставен на плоштадот, ова искрено го немам видено. Се прашувам, пријателе, што ќе правиш со него? Ќе ги пасеш овците и козите? Ова не може повторно да се засади. Што ќе му правиш? Колку време посвети за да го извадиш дел по дел и каде ќе го користиш? Навистина се срамам за оној што го стори тоа. Мислев дека сум видел сè, но не е така. Еве може да го украдат и тревникот, вели градоначалникот во видеото и на шега порачува дека полицијата ќе треба да ги чува и тревниците во Грција.

Заменик-градоначалникот Василис Критикос за телевизијата ЕРТ објасни дека по околу еден месец работа, екипите во понеделникот го завршиле уредувањето на плоштадот, а следниот ден било откриено дека недостасува голем дел што се проценува дека е околу 70 метри квадратни, а штетата можеби е над 1.000-2.000 евра. ср/

Остани поврзан