Непал потпиша договор со претставниците на „Генерацијата Зет“
- Непал денеска потпиша историски договор со претставниците на „Генерацијата Зет“, три месеци по смртоносните протести во септември кои ја соборија владата.
Катманду, 11 декември 2025 (МИА) - Непал денеска потпиша историски договор со претставниците на „Генерацијата Зет“, три месеци по смртоносните протести во септември кои ја соборија владата.
„Ова е клучен чекор. Сите сме на иста страна. Она што сите го сакаме е младите да имаат пристап до лидерски позиции и земјата да се управува според нивните аспирации и идеи“, рече премиерката Сушила Карки.
Сушила Карки и Боџ Бикрам Тапа, претставник на убиените и повредените во протестите, го потпишаа договорот со аплауз од публиката.
Договорот утврдува мерки за борба против корупцијата, зајакнување на управувањето и предвидува изборни и уставни реформи. Ја обврзува Владата да одговори на барањата на семејствата на убиените и повредените во антивладините протести и ги проширува овластувањата на комисијата што ги истражува настаните.
Најмалку 19 лица беа убиени за време на првиот ден од протестите во Непал, предводени од млади од „Генерацијата Зет“. Следниот ден, немирите се проширија, а зградите на Парламентот и Владата беа запалени, што доведе до пад на владата.
Бројот на жртви достигна 76 во текот на првите два дена од немирите, а неколку дена подоцна, 73-годишната поранешна главна судијка на Непал, Сушила Карки, беше именувана за привремен премиер до изборите што ќе се одржат на 5 март следната година. мс/ми/
фото: ЕПА