• петок, 05 декември 2025

„Необјавен фељтон“ - Нов роман на Владимир Илиевски

„Необјавен фељтон“ - Нов роман на Владимир Илиевски

Скопје, 14 август 2025 (МИА) - „Македоника литера“ објави нова книга на македонскиот писател Владимир Илиевски – романот „Необјавен фељтон“.

„Необјавен фељтон“ од Владимир Илиевски е роман кој од повеќе позиции го преиспитува местото на поединецот во општеството и се обидува, преку книжевниот дискурс, да одговори на некои суштествени и егзистенцијални прашање кои произлегуваат од безмилосниот судир помеѓу општествениот систем кој е несовршен, но истовремено, и крајно суров во одбраната на своите „вредности“ и помеѓу чесниот и правичен поединец кој длабоко и искрено верува дека совршеното општество е предуслов за среќата и благосостојбата на луѓето во него.

Илиевски креира приказна која ја лоцира во периодот кога ветувачкиот социјализам ја губи својата моќ, убедливост и ориентација. Тоа се години кога самоуправувањето излегува од својот семантички и суштински колосек, а притоа неговите моќни заштитници до крај се обидуваат да креираат слика дека сето тоа е само привид. Така општеството ја покажува својата немилосрдност, а на поединецот му останува само безизлезот и болното признание на својата немоќ.

Инаку, основната сижејна нишка на романот се базира врз вистински настан од шеесеттите години во Скопје.

Владимир Илиевски (Скопје, 1970) е прозаист, поет и книжевен теоретичар. Дипломира на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Општа и компаративна книжевност. Магистрира на истиот факултет.

Автор е на книгите: „Гледач на линија“ (поезија, 1997), „Избор и случајности“ (поезија, 2000), „Мојата лична амортизација“ (поезија, 2002), „Цитатноста во лириката“ (книжевно-научна студија, 2007), „Нема исти утра“ (поезија, 2008), „Ноќна еротска програма“ (поезија, 2011), „Лични податоци“ (поезија, 2014), „Брзината не убива“ (поезија, 2016), „Пената на црниот бран“ (раскази, 2018) и „Суво мастило“ (роман, 2020, второ издание, 2024).свс/вј/

Фото: Македоника Литера

Остани поврзан