• понеделник, 23 декември 2024

Нема друга алтернатива освен транзиција кон обновливи извори на енергија со соработка на приватниот и државниот сектор

Нема друга алтернатива освен транзиција кон обновливи извори на енергија со соработка на приватниот и државниот сектор

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) - Eдна од главните цели на енергетската политика на Република Северна Македонија е привлекување на инвестиции за изградба на енергетски објекти и зголемување на искористувањето на обновливите извори на енергија, односно инвестирање во зелена енергија која ќе придонесе во заштита на животната средина и ублажување на климатските промен, истакна министерот за економија, Крешник Бектеши, во обраќање на Инаугуративна конференција „За зелена иднина – насоки за транзиција кон обновливи извори на енергија“ која се одржа денеска во организација на Македонско здружение за енергија од обновливи извори (МАРЕС).

Тој нагласи дека Владата кон крајот на 2019 година ја донесе Стратегијата за развој на енергетиката до 2040 година како еден од најзначајните стратешки документи за нашата земја во областа на енергетиката и одржливиот развој.

 - Во Стратегијата во столбот декарбонизација, меѓу другото, се препорачува промовирање на обновливите извори на енергија на начин кој обезбедува одржлив развој и се предвидува дека фотонапонските и ветерните електроцентрали ќе бидат најбрзорастечки технологии за производство на електрична енергија во сите сценарија, односно се планира изградба на 750 MW ветерни електроцентрали и 1400 MW фотонапонски електрани, појасни министерот.

Бектеши информираше дека Владата во услови на криза, успеаа да го зголеми домашното производство на електрична енергија, па дури и да извезуваме струја.

 - Во моментов во нашата држава работат фотонапонски централи кои произведуваат електрична енергија за 198.000 домаќинства. За период од речиси две години, дури 685 централи добија дозволи за работа, а тие, според пресметките, може да снабдуваат со струја над 160 илјади домаќинства со просечна потрошувачка во 18 градови. Годинава започнуваме и со реализацијата на неколку крупни инвестициски проекти, како изградбата на гасниот интерконектор со Грција, зибравме партнер за изградба на најголемата пумпна хидроцентрала на Балканот „Чебрен“ која има огромно значење за декарбонизацијата и за праведната енергетска транзиција., беше отворена приватна фотоволтаична електроцентрала во земјава – „ФЕЦ Новаци“ која моментално е и најголема на Балканот. Новата централа, е со вкупен капацитет од 55 MW и годишно е проектирано да произведува 85.000 MWh што претставува електрична енергија која ќе ги задоволи потребите на 30.000 семејства, нагласи тој.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика РКЕ, Марко Бислимовски, истакна дека верува дека за седум до десет години ќе се изгради најголемата батерија во државата и во регионот, а тоа ќе биде хидроцентрала „Чебрен“.

 - Македонија нема друга опција, мора да спроведе брза транзиција, а брза транзиција се спроведува со инвестиции во обновливи извори на енергија, истакна Бислимовски и додаде дека на патот кон таа транзиција ќе се соочат со многу предизвици, од кои најголемиот дел ќе бидат во однос на балансирањето на системот.

Тој нагласи дека тоа балансирање ќе се спроведе со нови инвестиции во системи за складирање на електрична енергија, односно во батерии, како и инвестиции во поголеми производни капацитети кои ќе го користат природниот гас.

Претседателот на Македонското здружение за обновливи извори на енергија МАРЕС, Слободан Поповски, укажа дека имајќи го предвид енергетскиот биланс, нашата држава мора да премине во обновливи извори на енергија.

 -  Република Македонија нема друга алтернатива освен да ја направи транзицијата од фосилни на обновливи извори на енергија, нагласи Поповски.

Генералниот секретар на МАРЕС, Виолета Николова, истакна дека целта на конференцијата е да се направи мост помеѓу приватниот и државниот сектор, каде што ќе има можност со иницијативите од приватниот сектор и проблемите со кои се среќаваат во своето работење да се дојде до заеднички решенија што ќе бидат одржливи и кои ќе ја покажа насоката како да се оди кон таа зелена транзиција.

 - Главната цел на ова конференција е да ја промовираме и да покажеме дека е основана ваква асоцијација, да покажеме кои се начините на кои што можеме заедно да работиме и преку сето тоа да создадеме една платформа каде што сите страни ќе имаат активно учество и заеднички да доаѓаме до решение, нагласи Николова.

Европската банка за обнова и развој ја поддржува и финансира нашата држава во енергетскиот развој.

Директорот Европската банка за обнова и развој ЕБРД, Фатих Тутменоглу, истакна дека ЕБРД го пронајде клучот на транзицијата на електричната енергија во приватниот сектор и токму затоа го поддржува МАРЕС.

Регионален директор на ЕБРД, Франческо Корбо, нагласи дека тие го поддржуваат Здружението за обновлива енергија на Македонија бидејќи верува дека обединувањето на инвеститорите и главните чинители на енергетскиот пазар ќе создаде вистинска средина за зелена транзиција.

 - Македонија има доста амбициозни цели за до 2030 година да го замени јагленот со обновливи извори и затоа правилото за здружување ќе биде многу важно за да се олесни оваа транзиција. Затоа, многу сме среќни што сме тука и се надеваме дека денес оваа дискусија ќе произведе многу идеи и конфронтација со Властите со цел да се даде и да се обезбеди вистинската поддршка за енергетскиот сектор во Македонија, нагласи Корбо.

Андрија Орос од компанијата CWP Europe истакна дека компанијата има план да развие околу 500 мегавати обновливи извори во нашата држава.

 - Првиот проект во Македонија се надеваме дека ќе биде една ветероелектрана. Со оглед на динамиката ќе биде со околу 150 мегавати, додека поголемиот проект кој е негде околу 350 мегавати ќе бара повеќе време за изработка, а можеби ќе биде и неопходно да се дојде до некое стратешко партнерство со државата, нагласи Орос.

Тој потенцираше дека компанијата досега имаме направено најголеми проекти во регионот, 600 мегавати во Романија, како и најголемата фарма на ветер во Србија беа проекти на CWP. До крајот на годината во Србија ќе започнат со изградбата на нови 300 мегавати ветерна и 150 мегавати во соларна енергија.

Во нашата држава според Стратегијата на Владата предвидено е до 2030 година да се реализира зелената транзиција, односно необновливите извори на енергија да се заменат со обновливи. Изразено во бројки, инсталиран капацитет од 1.000 мегавати треба да се замени со инсталиран капацитет од 4.000 мегавати, затоа што еден мегават од јаглен не е исто што и еден мегават од обновлив извор. Со цел побрза интеграција на оваа транзиција, осум инвеститори, со заедничко портфолио на инвестициите од околу милијарда евра, формираа Македонско здружение за енергија од обновливи извори МАРЕС. сан/лв/

 

Фото: Министерство за економија / МАРЕС

Остани поврзан