Нела Рил: Не е мудро на децата да им ги забраниме социјалните медиуми, па потоа на 16 години да земаат „здраво за готово“ се што доаѓа од интернет
- Според Рил, не би било решение да им се дозволи на децата да растат целосно без искуства на социјалните медиуми, а потоа да се соочат со целиот тој интернет спектар на 16 или 18 години, бидејќи тогаш се што ќе видат таму би можеле „да го земат здраво за готово“.
Брисел, 23 ноември 2025 (МИА) - Компаниите сопственици на социјалните мрежи треба да бидат поодговорни во почитувањето на регулативите, особено кога станува збор за напорите за да ги заштитиме децата и младите од искривената перцепција за реалноста креирана од вештачката интелигенција, вели германската европратеничка и претседателка на Комитетот за култура и образование на Европскиот парламент, Нела Рил.
- Постојат технички можности што треба да ги искористиме за да го направиме интернетот безбедно место за младите луѓе. Во секојдневниот живот родителите немаат можности и ресурси да ги контролираат своите деца на интернет. Чувствувам дека родителите се оставени сами. Затоа мораме да ја префрлиме одговорноста од родителите на компаниите, вели Рил во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.
Таа нагласува дека не против на идејата за воведување минимална возраст за користење на социјалните мрежи, но дека тоа отвора многу прашања.
- Или родителите ќе бидат тие што ќе треба да го следат почитувањето на старосните ограничувања или давателите на услуги ќе треба да користат средства за потврдување на возраста, што би можело да биде во спротивност со барањата за приватност и заштита на податоците, смета Рил, која е членка на партијата Волт Германија и дел од групата на Зелените во ЕП.
Сепак, според неа, не би било решение да им се дозволи на децата да растат целосно без искуства на социјалните медиуми, а потоа да се соочат со целиот тој интернет спектар на 16 или 18 години, бидејќи тогаш се што ќе видат таму би можеле „да го земат здраво за готово“.
- Мислам дека ако само се воведе одредена старосна забрана, а потоа не се прави ништо друго, тоа не би ги решило сите наши проблеми. Важно е да се работи на медиумска писменост, додава Рил.
Според неа, дополнителен проблем е што денес вештачката интелигенција е „многу брза“.
- Секогаш имаме чувство дека заостануваме, но тоа не е изговор за да не правиме ништо, туку сосема спротивното. Ако сега чувствуваме дека заостануваме, тогаш треба да си го поставиме прашањето зошто заостануваме и што всушност можеме да направиме? Европа треба да ја направиме пазар на иновации и потребно е да имаме свој многу безбеден простор. Тоа е пораката што сакам да ја испратам, додава германската европратеничка.

Сепак, европратеничката потенцира дека кога се говори за социјалните медиуми и вештачката интелигенција, не треба фокусот да се става само на опасностите и на негативните работи.
- Тие не се само закана и не се само зло. Социјалните медиуми се одлична алатка за поврзување на луѓето. Никогаш не треба да го заборавиме тоа. Вештачката интелигенција би можела да биде и одлична алатка за уметниците и авторите, чија креативност не треба да биде непотребно ограничена, вели Рил.
Таа потенцира дека Законот за дигитални услуги на ЕУ, кој стапи на сила во ноември 2022 година, утврдува специфични барања за интернет платформите за тоа како можат да ги нудат своите производи и услуги во рамки на Унијата, па фокусот треба да биде на примена на ова законско решение и на останатите прописи од таа сфера.
- Тоа е она во што некако не успеваме во моментов. Не предизвикуваат САД, но и Кина. За да се заштитат граѓаните во Европа, треба постојано да нагласуваме: Добро, ги имаме овие закони и ако сакате да влезете на нашите пазари, треба да играте според нашите правила, вели Рил.
Таа, како решение, предлага и посилна поддршка на алтернативите на сегашните главни провајдери на онлајн услугите.
- На пример, можеме да размислиме за поттикнување на европските платформи на социјалните медиуми, заклучува Рил.
Кога станува збор за предложената Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ за периодот 2028-2034 година, Рил вели дека Комитетот со кој таа раководи не е целосно задоволен од планираниот износ на средства доделени за културата и образованието, но дека сепак тоа што со овој буџет за нив се предлагаат околу 700 милијарди евра повеќе во споредба со тековниот, покажува дека „културата е призната како вредност и како стратешка алатка“ за Унијата.
- Можеше да биде и полошо, вели Рил, потсетувајќи дека 41 милијарда евра се предвидени за образовната програма „Еразмус+“, како и девет милијарди евра за новата програма „АгораЕУ, која има за цел да ги поддржи културата, медиумите и вредностите на заедницата. сп/дј
Фото: ЕНР