Независен стручен тим ќе го проучува ракот и смртните случаи кај воените пилоти во САД
- Ќе се спроведе темелен преглед на преваленцата на разни видови рак кај персоналот кој служел на активна должност во борбени авиони, но и авиони за обука, авиони за надзор и други авиони.
Вашингтон, 19 август 2025 (МИА) - Независен стручен тим ќе ги проучува стапките на рак и смртни случаи кај воените пилоти на летала со фиксни крила и екипажите според Законот потпишан минатата недела од претседателот на САД, Доналд Трамп.
Националните академии за науки, инженерство и медицина ќе спроведат темелен преглед на преваленцата на разни видови рак кај персоналот кој служел на активна должност во борбени авиони, но и авиони за обука, авиони за надзор и други авиони за да се утврди дали стапките на рак се зголемени во авијациската заедница. Истражување на Министерството за одбрана од 2023 година покажува дека, меѓу 900.000 лица кои летале во авиони со фиксни крила меѓу 1992 и 2017, има 24 отсто повисока стапка на рак од нивните врсници во општото население. Тоа вклучува и 87 насто повисока стапка на меланом, 39 насто повисока стапка на рак на тироидната жлезда и 16 насто повисока стапка на рак на простата.
Според новиот Закон, стручниот тим назначен од Националните академии на науки, инженерство и медицина ќе ги истражува изложеностите поврзани со работните места во воената авијација, како што се зрачење, ултравиолетова светлина, хемикалии и други материјали. Ќе се испитаат и сите постоечки академски студии за ракот во авијациската заедница, како и официјалните бази на податоци.
Законот го насочува Министерство за ветерани да склучи договор со Националните академии во рок од 30 дена.
Исто така, Законот опфаќа најмалку 11 видови рак. Тука спаѓаат: рак на мозокот, рак на дебелото црево и ректумот, рак на бубрег, рак на белите дробови, меланом на рак на кожа, не-Хочкинов лимфом, рак на панкреас, рак на простата, рак на тестиси, рак на тироидната жлезда, рак на мочен меур, и сите „други видови на рак утврдени како соодветни“ од страна на Националните академии и надлежните власти во САД. си/ссм/
Фото: Википедија