• недела, 22 декември 2024

Недостигот на вода за наводнување - нов предизвик за јужна Европа 

Недостигот на вода за наводнување - нов предизвик за јужна Европа 

Брисел, 26 јули 2024 (МИА) - Водите и нивното складирање стануваат се погорливо прашање во државите од југот на Европа во услови за зголемување на сушните периоди и растот на температурите, пред се во текот на летото, поради што веќе се најавуваат и протести поврзани со водоснабдувањето на земјоделците.   

Во Стратешка агенда на Советот на ЕУ за периодот 2024-2029 година се наведува дека во услови на недостиг на вода, зголемени суши и нередовни врнежи, потребно е зајакнување на отпорноста на водите и инвестирање во поголема прекугранична водна инфраструктура. 

Во обраќањето пред европратениците на 18 јули при нејзиниот реизбор за претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен повика на изработка на „Стратегија за одржливо управување со водите“ со цел земјоделците да бидат „подобро подготвени“ за климатските промени.  

Истиот ден кога Фон дер Лајен се обраќаше во Европарламентот во Стразбур, кај мочуриштето Појтеван во западна Франција се одржа протест на неколку илјади луѓе против изградбата на резервоари за вода на отворено во негова близина, што би им овозможиле на земјоделците пристап до водни ресурси за наводнување. Организаторот на овие протести, француската еколошка група „Востанија на земјата“, најави дека во септември планира да организира марш од Појтеван до Венеција, со цел да алармира за изградбата на водните „мегабазени“ и за загадувањето на водата во регионот на Венецијанската лагуна. 

Целта на овие „мегабазени“ е да собираат и складираат дождовница што би се користела за наводнување, но во услови на недоволни количества на врнежи, тие може да црпат вода од земјата, што според нивните противници, ќе предизвика нарушување на биодиверзитетот и можно пресушување на мочуриштето и другите водни површини во нивната околина.  

Според портпаролот на француската организација Селанска конфедерација, која се противи на изградбата на „мегабазените“, Лорен Марандола, црпењето на вода за полнење на овие акумулации „создава притисок“ врз реките и подземните води, што резултира и со проблеми со водоснабдувањето во некои урбани центри. 

- Во Франција, мегабазените се финансираат од јавни средства, но потоа водата се приватизира, при што само неколку десетици луѓе имаат корист од нив, смета Марандола.  

Во услови на растот на просечните температури како последица на климатските промени, проблем кој е посебно нагласен во земјите околу Средоземното Море, се повеќе се иницира складирање на дождовницата. Според податоците, Шпанија складира околу 20 отсто од наврнатиот дожд, во Италија таа стапка е околу 10 проценти, додека во Франција се собира само 1,7 отсто од дождовницата. 

Дождовницата во Шпанија се складира во огромни слатководни базени, кои за разлика од француските „мегабазени“, во услови на недостиг на дожд црпат вода од реките или површинските води, но не и од самата земја. 

Сепак во услови на намалени врнежи пред се во текот на летните месеци, шпанските базени имаат проблеми со полнењето. Во 2023 година, со вода биле исполнет само околу половина од нивниот вкупен капацитет, поради што почесто се прибегнува кон пренасочување кон нив на вода од реките. 

Според директорката на шпанската еколошка организација Фондација за нова култура на водите (ФНЦА), Хулија Мартинез, пренасочувањето на водата од речните корита од едната страна овозможува да се акумулира потребната вода за наводнување, но од другата страна тоа предизвикува интензивни суши долж натамошниот тек на реките. 

Мартинез посочува дека покрај овие акумулации, кои се финансиираат со јавни средства, во Шпанија постојат и приватни „базени за наводнување“, за чие полнење земјоделците „немаат дилеми околу искористувањето на подземните води“. 

За справување со недостигот на вода за наводнување, здруженијата на земјоделците во Италија предложија изградба на водни базени кои нема да црпат вода од земјата, туку ќе се полнат само со дождовница и би имале опција за пренасочување на водата во реките „за време на најврнежливите периоди“. Дополнително, овие базени би биле покриени со „пловечки фотоволтаични панели“, кои би произведувале електрична енергија за работа на водните пумпи. 

Според најголемото италијанско земјоделско здружение, Националната конфедерација на професионални фармери (Колдирети), Италија годишно губи 89 отсто од дождовната вода.  

- Ова е неприфатлива загуба, со голем ризик од опустинување и создавање хроничен недостиг на вода во одредени региони, посочуваат од Колдирети, нагласувајќи дека земјата „треба да го зголеми собирањето на слатка вода преку подобрување на инфраструктурата“. 

Француските активисти кои се против изградбата на „мегабазените“ посочуваат дека водата е „општо добро на човештвото“ и не треба да се дозволи нејзина монополизација.

- Стоп за агроиндустрискиот модел што ја монополизира водата во корист на малцинството, порача европратеничката Ема Фуро од левичарската партија Непокорна Франција (ЛФИ), во обраќање на протест кај мочуриштето Појтеван одржан минатата саботата. сп/

Фото: Гринпис

Остани поврзан