• петок, 05 декември 2025

Недела за грижа на старите лица: Прилепскиот дом за стари лица е со полн капацитет

Недела за грижа на старите лица: Прилепскиот дом за стари лица е со полн капацитет

Прилеп, 21 ноември 2024 (МИА) - Прилепскиот дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“ со 150 места е со полн капацитет и се бара место за сместување од целата земја. Домот е со осовремени  услуги и се инвестира, беше речено на денешната пригодна свеченост во Домот за стари лица „Киро Крстески-Платник“ во Прилеп по повод Неделата на грижа за лицата од третото доба.

- Капацитетот од 150 места е полн и имаме листа на чекање за нови 10 до 20 штитеници. Нудиме услови за старите лица, но и инвестираме. Општина Прилеп обезбеди субвенција од 3 милиона и 100 000 денари со која набавивме современа опрема што ја олеснува нашата работа во различни аспекти – од техничка поддршка, до подобрување на функционирањето на сервисите кои секојдневно се користат од нашите корисници. Имено, набавени се современи индустриски машини: перална, сушарницаа, машина за чистење ходници, правосмукалка, електричен казан за подготовка на храна, фрижидер, машина за миење садови и саламорезница, како и мини трактор косилица. Оваа инвестиција е вложување во подобра грижа, поголема ефикасност и повисоки стандарди, изјави Благојче Стојаноски, директор на прилепскиот Дом за стари лица „Киро Крстески-Платник“.

Според прлепскиот градоначалник Дејан Проданоски, има можност за инвестирање и проширување на капацитетите на Домот.

-Во преговори сме со Министерството за социјална политика, демографија и млади да го подобриме буџетот кој стигнува и ќе искористиме сѐ што може да се подобри капацитетот на Домот и да се подобрат условите за старите лица, рече Проданоски.

Од јануари се очекува да проработи Дневниот центар за лица со активно стареење во реновираните простории во Домот на месната заедница во населбата „Рид“ во Прилеп.

- Прилеп во соработка со општините Кривогаштани и Долнени и со здружението „Центар за развој и едукацијан од Прилеп веќе е во завршна фаза на Дневниот центар.  Реконструирањето на просторот е во завршна фаза. Веќе се поднесени документите за лиценцирање за од јануари да може да се примаат првите корисници во Центарот. Оваа не е веќе социјална услуга, туку платформа што ќе овозможи подостоинствен живот на нашите постари сограѓани за четири часа дневно да поминуваат во Центарот. Ќе има едукативна програма за да се намалат предизвиците и ризиците на старите лица, рече Марина Тошеска, директорка на Центарот за развој и едукација од Прилеп.

Прилеп веќе има и други социјални услуги - Помош во домот и Медицинска сестра во заедницата.

Социјалната услуга помош и нега во домот функционира веќе трета година.

-Услугата „Помош и нега во домот е една од најважните социјални услуги. Услугата ја користат лица со намален функционален капацитет, слепи лица и лица со попреченост. Во моментот услугата ја користат 171 корисник, а ја даваат 158 обучени негователи кои во домот им помагаат на лицата, вели Џулијана Бошкова, координатор на услугата во Центарот за развој и едукација во Прилеп.

Социјалната услуга „Медицинска сестра во заедницата“ во Прилеп функционира успешно.

- Во Прилеп се достапни услугите медицинска сестра, психолог и физиотерапевт, достапни за прилепчани во третото доба и со намален функционален капацитет. Во моментов се 146 корисници, вели Драгана Цветкоска, координатор на социјалната услуга „Медицинска сестра во заедницата“  при Центарот за развој и едукација од Прилеп.

Луѓето од третото доба имаат право на сите социјални услуги и грижа за нивното здравје. ем/дма/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан