Колачите меломакарона и гурабии – нераскинлив дел од празничниот период во Грција
- Кога во декември ќе почнат да се појавуваат и првите празнични декорации во Грција, постепено, слаткарниците веќе мирисаат на путер, мед, бадем, цимет и ванила и заедно со маркетите во прв план ги ставаат двете колачиња карактеристични за празничниот период: меломакарона и гурабии (или курабиедес на грчки).
Атина, 4 јануари 2026
Сања РИСТОВСКА – дописничка на МИА од Атина
Кога во декември ќе почнат да се појавуваат и првите празнични декорации во Грција, постепено, слаткарниците веќе мирисаат на путер, мед, бадем, цимет и ванила и заедно со маркетите во прв план ги ставаат двете колачиња карактеристични за празничниот период: меломакарона и гурабии (или курабиедес на грчки).
Со појавувањето на празничните колачиња започнува „битката“ и дебатата, но и поделбата на два тима: тим меломакарона и тим гурабии, за тоа кое од слатките е повкусно и поомилено и веројатно одговорот е: „двете“, меѓутоа по мало „истражување“ низ атинските слаткарници, победникот е меломакарона.

Гурабиите се прават со путер и бадеми со шеќер во прав, додека меломакарона се печени колачи со мед и мелени ореви.
Традицијата вели дека колачињата се подготвуваат дома, но сепак сè повеќе Грци одбираат готови меломакарона и гурабии.
Се продаваат во слаткарници, фурни, супермаркети и слично, цените за килограм се од 11 до 17 евра за гурабиите и од 10 до 16 евра и како и за сите останати празнични продукти, има минимално поскапување споредено со лани.

За меломакарона тајната е медот, за гурабиите путерот
Се верува дека меломакарона потекнува од античките и средновековните „макарија“, односно парче леб со овална форма слична на денешните колачи.
Во текот на годините со постепените промени во рецептот, додавањето на мед, а подоцна и додавањето на цимет и каранфилче, довеле до денешната меломакарона.
Се прави од брашно, шеќер, свеж сок од портокал, квасец, коњак, цимет, каранфилче и масло, по печењето, колачињата се потопуваат во сируп од мед и шеќер растворен во вода, а на крајот се ставаат мелени или поголеми парчиња ореви.

Од друга страна, гурабиите, што се познати и кај нас, имаат корени од поширокиот регион на Мала Азија и во кулинарските влијанија од османлискиот период, а по доаѓањето на грчките бегалци од Мала Азија во почетокот на 20 век, овие колачи станале дел од грчката празнична традиција.
За подготвување потребно е брашно, путер, шеќер, ванила, бадеми, коњак, а по печењето се валкаат во шеќер во прав.

Но, која е тајната за вкусни празнични колачи?
- За гурабиите тајната е путерот, млечен оригинален путер, а за меломакарона е медот, објаснува за МИА сопственичка на слаткарница во Атина.
Во изминатите години сè попопуларни се и варијантите на традиционалниот рецепт, како на пример меломакарона со чоколадна обвивка (црна, млечна или бела), со парчиња чоколадо или јаткасти плодови во внатрешноста, но и гурабии со различни преливи.
- Класична меломакарона поради побарувачката правиме секој ден, од другите вкусови на неколку дена, бидејќи не се троши толку многу, вели сопственичка на фурна.

- Оваа година решивме да имаме традиционална меломакарона, а гурабиите да ги измениме малку, да бидат со прелив буено и навистина има голем интерес за нив, вели вработен во слаткарница.
Грците преферираат меломакарона, туристите љубопитно ги пробуваат грчките традиционални колачиња
Во однос на тоа што повеќе се купува, сите се согласни дека меломакароната е популарна, бидејќи е нешто што се чека за празниците, додека пак гурабиите ги има во текот на целата година.
- Веќе 20 години ја имаме слаткарницата, секогаш многу повеќе се троши меломакарона. Веројатно е полесна за јадење, но и поради тоа што ја има само во текот на празничниот период, објаснува сопственичка на слаткарница.

Нејзин колега коментира дека на почетокот на празничниот период сите купуваа само меломакарона, додека, пак, сега веќе потрошувачката е речиси идентична.
- Во суштина постојат две групи. Едната се фанови на меломакарона, другата фанови на гурабии. Секако гурабиите може да се најдат во многу продавници во текот на целата година, а не само за празниците. Меломакарона, од друга страна, е повисоко на листата на потрошувачите. Мислам дека нема победник. Има луѓе кои јадат и од едното и од другото, па според мене, резултатот е нерешен, вели тој за МИА.

Со оглед на тоа што дописничката на МИА од Атина посети голем дел од слаткарниците и фурните во центарот на градот, во период кога во грчката престолнина има и голем број туристи, сопствениците велат дека генерално посетителите не се запознаени со традиционалните празнични колачи.
- Туристите не знаат, ние им кажуваме што е меломакарона и гурабии, им објаснувавме дека тоа се традиционални празнични колачиња, па така пробуваат и им се допаѓаат, меѓутоа не изразуваат голем интерес да купат, коментира вработен во слаткарница.

Заедно со меломакарона и гурабии, за време на божиќните и новогодишните празници во Грција популарен е и новогодишниот колач, т.н. „Василопита“ со паричка што се крши на Нова година. ср/паг/
Фото: МИА