• сабота, 21 декември 2024

Недев: Наградите што ќе ги добијам ќе ги донирам за развој на младинскиот шах

Недев: Наградите што ќе ги добијам ќе ги донирам за развој на младинскиот шах

Скопје, 21 октомври 2023 (МИА) – Членот на шаховскиот клуб Алкалоид, Трајко Недев, кој неодамна во Струга на Светското екипно првенство за сениори, го освои сребрениот медал за играта на втората табла, успехот им го посвети на младите шахисти за кои побара поголем поддршка од институциите.

- Горд сум што овој резултат го постигнавме во годината која е јубилејна за мене, бидејќи 35 години сум член на ШК Алкалоид. Сакам овој медал да им го посветам на младите шахисти, да им служи како поттик за нивните идни достигнувања, а, воедно, да биде потсетник и за Агенцијата за млади и спорт, Шаховската федерација и за клубовите да инвестираат во младите ако сакаат да очекуваат подобри резултати од нив. Сметам дека во Македонија малку се прави во тој сегмент, па затоа најавувам дека секоја награда што ќе ја добијам од институциите кои ги вреднуваат спортските успеси ќе ја вложам во корист на младинскиот шах и во подобрување на неговата сегашна состојба, изјави Недев.

Македонскиот велемајстор кој во својата кариера има повеќе освоени домашни титули,  како и сребрен медал на ЕП во Пловдив, Бугарија, 2003 година и олимписка бронза од Ереван, Ерменија, 1996 година, е сѐ помалку присутен на турнирите, а повеќе е ангажиран како тренер и како секундант. зс/

Остани поврзан