• недела, 22 декември 2024

Невреме низ Србија: Без струја делови од Војводина и Белград, падна кран во Нов Белград, привремено затворен аеродромот „Никола Тесла“

Невреме низ Србија: Без струја делови од Војводина и Белград, падна кран во Нов Белград, привремено затворен аеродромот „Никола Тесла“

Белград, 19 јули 2023 (МИА) - Невреме пропратено со силен ветер и дожд со грмежи ја погодија вечерва Србија. Делови од Војводина и Белград останаа без струја, а невремето предизвика штети на повеќе места. Аеродромот „Никола Тесла“ беше привремено затворен, јави дописникот на МИА од Белград.

„Поради крајно неповолните временски услови во Белград, дојде до привремено затворање на белградскиот аеродром, поради што некои летови беа пренасочени на алтернативни аеродроми, доцнеа, па дури имаше откажување на некои летови кои беа планирани во текот на вечерта и ноќеска“, соопштија од „Ер Србија“.

Поради големо невреме, на некои пруги во Србија дојде до проблем во снабдувањето со електрична енергија на контактната мрежа над пругите и имаше паднати дрвја на пругата, што предизвика потешкотии во функционирањето на железничкиот сообраќај на некои делници, соопштија од Железници на Србија.

Во Белград силен ветер собори дрвја, а без струја останаа одредени делови од градот - Баново брдо, Жарково и Звездара. Два крана паднаа во Нов Белград за време на невремето, но немаше човечки жртви.

Направени се штети во повеќе делови од градот, а граѓаните кои беа на отворено бегаа од улиците поради силниот ветер и дождот.

Итните служби во последните два часа имаа повеќе од 30 интервенции на територијата на Белград.

Невремето ги погоди и Лозница, Шабац, Шид, Сремска Митровица, Ириг, Смедерево, Бачка Паланка, Крагуевац, Краљево, Чачак.

Поради невремето, евакуирани се 15 лица ширум Србија. 

Како што соопштија од РХМЗ, невремето се движи кон истокот на Србија. об/паг/

Остани поврзан