• недела, 24 ноември 2024

Невообичаен мирис и вкус на водата во Тетово, ЦЈЗ препорача да не се користи додека не завршат анализите

Невообичаен мирис и вкус на водата во Тетово, ЦЈЗ препорача да не се користи додека не завршат анализите

Тетово, 2 ноември 2021 (МИА) - Се повторува ситуацијата во есенскиот период, водата во Тетово да добие невообичаен вкус и мирис за што и доцна вечерва се правени анализи во тетовскиот Центар за јавно здравје при што првичните параметри се во ред, но се вршат и дополнителни анализи.

Оваа појава првпат беше забележана во 2017 година кога Центарот за јавно здравје утврди дека непријатниот мирис и вкус доаѓа од вегетацијата, односно најмногу од лисјата од дрвјата што паѓаат во зафатот на водата кај месноста Лешница, од каде се зема вода за новиот водоснабдителен систем.

-Првичните анализи се добри, но годинава е најинтензивна промената на вкусот. Препорака е, но не е забрана - да не се употребува за пиење се до добивање на конечни резултати. Препорачавме комуналното претријатие да го исклучи дотокот на вода во мрежата кој доаѓа преку новиот водоснабдителен систем, кој пак зема вода од планинската река Лешница. Тоа и го направија од комуналното претријатие и мислам дека до утре изутрина ќе биде подобра состојбата со вкусот и мирисот, изјави д-р Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија.

Тој потсетува дека веќе петта година се случува во периодот октомври-ноември да има ваква промена кај водата.

-Досега непријатниот мирис и вкус доаѓаше од вегетацијата, односно најмногу од лисјата од дрвјата што паѓаат во зафатот на водата кај месноста ЛешницаПритоа доаѓа до нивно распаѓање кое ги создава непријатниот вкус и мирисБактериолошки и хемиско-физички водата е исправна за пиење и сега, но повторувам се прават дополнителни анализи, изјави д-р Давидовски.

Центарот секојдневно прави контрола на квалитетот на водата во градскиот водовод. Оваа појава минатите години се надминуваше и со засилено хлорирање, а според досегашните искуства непријатниот мирис и вкус исчезнуваше за неколку дена.

И во светската теорија и пракса, постојат вакви примери кога се користат површински води, како што е со новиот водоснабдителен систем кој зема вода од планинските реки. Озонирање или користење на јагленов филтер е можноста да се отстрани непријатниот мирис и вкус. ас/мд/

Тагови

Остани поврзан