• сабота, 02 ноември 2024

НБ: Во вториот квартал годинава стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 проценти

НБ: Во вториот квартал годинава стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5 проценти

Скопје, 29 март 2024 (МИА) - Народната банка, врз основа на редовната квартална оцена на системските ризици, донесе одлука за задржување на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот за изложеностите на банките во државава во висина од 1,5 проценти, којашто ќе се применува и во вториот квартал од 2025 година. 

Одлуката е донесена вчера на редова седница на Советот, а се заснова врз оцените за постепено стабилизирање на нагорните циклични системски ризици и постојана стабилност на банкарскиот систем. Исто така, укажуваат од НБ, ги зема предвид условите од окружувањето коешто и натаму е неизвесно и придружено со ризици, што е причина за претпазливо спроведување на макропрудентните мерки заради натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор.

-Со одржувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот се придонесува за спречување и за намалување на можните ризици, укажува во соопштение Народната банка. 

Најавува дека ќе продолжи со внимателно следење на системските ризици и ќе ја преоценува висината на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот на редовна квартална основа.

-Притоа, имајќи ја предвид природата на противцикличниот заштитен слој на капиталот и насоките на релевантните европски институции, Народната банка може да ја оцени потребата за зголемување на стапката, при раст на ризиците и неизвесностите од окружувањето, во услови на поволни остварувања на банките. Во случај, пак, на значително остварување на ризиците во билансите на банките, може да се оцени и потребата од делумно или целосно ослободување на овој заштитен слој на капиталот, како поддршка во работењето на банките при евентуални неповолни сценарија, се наведува во соопштението.лв/

Фото: Народна банка 

Остани поврзан