• недела, 22 декември 2024

На 30 јуни непосредни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ

На 30 јуни непосредни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ

Скопје, 27 мај 2024 (МИА) - Извршниот одбор на СДСМ на денешната седница донесе Одлука за распишување вонредни внатрепартиски избори за претседател на СДСМ на 30 јуни 2024 година (недела), по повлекувањето на Димитар Ковачевски од функцијата.

-Согласно роковите во Статутот на партијата ќе има доволен период за подготовка на кандидатурите и програмите, претставување на кандидатите пред членството и активна регистрација, стои во соопштението од партијата.

Воедно, се наведува дека на седница којашто ќе се одржи в четврток, 30 мај 2024 година, Централниот одбор на СДСМ треба да го усвои Правилникот за критериумите, начинот и роковникот за спроведување на постапката на највисоко демократско ниво од страна на Централната изборна комисија.

Пред одржување на седницата прашан дали ќе се кандидира за нов мандат за претседател на партијата, Ковачевски отсечно одговори дека нема да се кандидира.

Фатмир Битиќи кој исто така поднесе оставка од потпретседателската функција во СДСМ, прашан дали планира да поднесе кандидатура за челната позција, вели,  дека е се уште рано за тоа. 

-Се уште е рано, сметам дека секој еден социјалдемократ денеска е фокусиран во иднината на социјалдемократијата. Тоа е најбитно, а за функциите, секако, членството одлучува кој е најдобриот избор, вели Битиќи.

И Петре Шилегов, смета дека е се уште рано да се разговара за кандидатура и оти приоритет е како да се запрат, како што вели, ретроградните процеси кои се веќе започнати во општетството.

- Мислам дека е се уште прерано воопшто да се разговара за тие процеси. Моето лично размислување е дека СДСМ во периодот кој следи треба да се врати кон корените на сопствените политики, повторно да стане привлечно тело за прогресивниот дел од македонската јавност затоа што некои процеси кои се веќе започнати во нашто општество се и тоа како ретроградни  и т, и тоа како можат да ја вратат државата назад. СДСМ како и секогаш мора да биде исправен пред тие предизвици со цел да го спречиме ретрпградниот процес во македонското општетство, вели Шилегов

На новинарско прашање и спикерот на Собранието и член на СДСМ Јован Митрески, пред седницата изјави дека нема намера да се кандидира за претседател на партијата. 

Славјанка Петровска и Јован Деспотовски веќе потврдија дека планираат да поднесат кандидатура, а во медиумите како можни кандидати за претседател на СДСМ се спомнуваат и Венко Филипче и Стефан Богоев.

На седницата на 22 мај Димитар Ковачевски и формално поднесе оставка од лидерската позиција. Извршниот одбор на СДСМ  ја задолжи Централната изборна комисија врз основа на Статутот на партијата да предложи правилник со предлог роковник за спроведување на директните внатрепартиски избори во текот на јуни во транспарентна и демократска постапка. вг/лв/

Фото: СДСМ

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан