• среда, 08 јануари 2025

На 14 јануари ќе биде пуштен дел од патот Градско - Дреново, на 17-ти првата делница од пругата кон Бугарија

На 14 јануари ќе биде пуштен дел од патот Градско - Дреново, на 17-ти првата делница од пругата кон Бугарија

Скопје, 8 јануари 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски очекува на 14-ти јануари да биде пуштена првата делница од Градско до Фариш од експресниот пат Градско-Дреново во должина од 25 километри, со што, како што посочи, ќе се намали времетраењето на патување до Прилеп и Битола и тој дел на државата. На 17-ти месецов се очекува да биде пуштена и првата делница од пругата кон Бугарија.

- По тој експресен пат ќе се движат возилата со брзина од 130 километри на час. Има мало слечиште кое очекувам да биде санирано и пуштањето да биде на 14-ти овој месец, поточно, за шест дена од денес со што драматично ќе се намали времетраењето на патување до Прилеп и Битола и тој дел на Македонија, изјави Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање, за време на неговата посета на општина Штип.

Целиот експресен пат се очекува да биде пуштен во март со што ќе се заокружат 25-те километри. Најави дека продолжуваат и активностите на автопатот меѓу Прилеп и Битола и очекува во рок од три години и тој да биде завршен

На 17 јануари се очекува да биде пуштена и првата делница Куманово - Бељаковце од пругата кон Бугарија.

- Течат инфраструктурните активности на Коридорот 8 и 10 Д. Очекувам, пред да почне туристичката сезона, во втората половина на мај и првата половина на јуни, да ја пуштиме делницата од Врбјани до Охрид, со исклучок на делот кај местото Ботун. Тука има мало слечиште, кое што треба да се санира, и до крајот на 2026 година да го пуштиме целиот потег на автопатот Кичево - Охрид. Очекувам да биде распишан тендерот Букојчани - Кичево, со што и тука би се поврзале овие два коридора. Очекувам после адаптацијата, конечно да имаме успешно наддавање Блаце - Скопје и проектирање на тунелот Тетово - Призрен. Исто така, очекувам да биде завршено и проектирањето Куманово - Страцин, како и обиколница Битола - граничен премин Меџитлија. Ова се проекти кои се во процес на проектирање или во процес на изградба и завршување, рече Мицкоски. бт/бак/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан