• среда, 30 октомври 2024

На Фуџи сè уште нема снег

На Фуџи сè уште нема снег

Токио, 30 октомври 2024 (МИА) - Крај на октомври е, а на јапонската планина Фуџи чијашто надморска височина е поголема од 3.700 метри, сè уште нема снег.

Јапонија, инаку, имаше едно од најжешките лета во историјата. Откако се бележи нивото на снежната покривка, ова е најдолгиот период во последните 130 години без снег. Инаку, тука снегот обично паѓа на почетокот на октомври, но поради невообичаено топлото време годинава снег воопшто нема, пренесуваат западните медиуми.

Занимливо е и тоа што температурата во јули и август била за 1,7 Целзиусови степени повисока од просечната.

Причината за топлото време и во јуни е северната положба на тн. суптропски млазен поток, којшто овозможува продор на топол јужен воздух над Јапонија. Млазниот поток е брза воздушна струја што патува низ планетата. Се создава кога потопол воздух од југ се сретнува со постуден воздух од север.

Температурите, следствено, надминаа 35 Целзиусови степени. Речиси 1.500 области беа погодени од екстремно топли денови, соопшти Јапонското метеоролошко друштво.

За дождот да се претвори во снег, температурата мора да биде околу нула.

Во октомври горештините малку попуштија, но сепак беа натпросечни.

Како што наближува ноември, а сè уште нема снег, тоа ќе биде „најдолгото чекање снег“ во една година од 1894. досега, кога почнале мерењата, соопштија властите.

- Претходниот рекорд - поставен на 26 октомври, се случи во 1955. и 2016 година, изјави метеорологот Јутака Катсута.

Иако еден настан не може директно да се поврзе со климатските промени, недостатокот на снег на Фуџи е токму она што климатските експерти го предвидуваат за глобалното затоплување.

Фуџи се наоѓа југозападно од Токио, и е највисоката планина во Јапонија со 3.776 метри надморска височина. Вулканот којшто последен пат еруптираше пред нешто повеќе од 300 години, е една од знаменитостите на Јапонија, и инспирација за многу уметнички дела. Меѓу јули и септември лани, на пр., повеќе од 220.000 луѓе се искачија на врвот.  си/

Фото: МИА архива

Остани поврзан