• петок, 23 јануари 2026

На собраниска седница Законот за прекршоците, последниот потребен за да почне примената на „Безбеден град“

На собраниска седница Законот за прекршоците, последниот потребен за да почне примената на „Безбеден град“

Скопје, 23 јануари 2026 (МИА) - Собранието денеска ќе одржи продолжение на 76. седница, на чиј дневен ред е гласањето за предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прекршоците, по скратена постапка, последниот закон потребен за од 1 февруари да профункционира системот за автоматско снимање и санкционирање сообраќајни прекршоци „Безбеден град“.

Потребната поддршка од двотретинско мнозинство за законот за кој е завршена расправата беше обезбедена на лидерската средба минатата недела, свикана од премиерот Христијан Мицкоски. Само опозицискиот СДСМ најави дека нема да гласа за измените на Законот.

Координаторката на пратеничката група на Европскиот фронт, Рина Ајдари, на прес-конференција на 20 јануари истакна дека ќе гласаат за Законот за прекршоците на седницата. Потенцира дека доколку не се имплементираат нивните забелешки, во иднина ќе поднесат предлог со нови измени на Законот. 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, завчера на прес-конференција истакна дека иако проектот „Безбеден град“ бил почнат во нивно време, сега нема да го поддржат поради сомнежи за можна злоупотреба на личните податоци.

- Во однос на системот „Безбеден град“ и Законот за прекршоците, ние тој закон нема да го поддржиме. Ние не сме против безбедноста во сообраќајот, доказ за тоа е што сме го почнале. Меѓутоа, не можеме да дозволиме системот парцијално да се имплементира. Освен тоа што сме за безбедност во сообраќајот, ние сме и за безбедност и на податоците, што повторно власта ниту го коментира ниту се обидува да го ргулира - рече Филипче.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, одговарајќи на пратенички прашања од опозицијата порано неделава, изјави дека девет човечки животи се спасени во тест-периодот на „Безбеден град“ во споредба со истиот период минатата година кога биле евидентирани 11 смртни случаи од сообраќајни незгоди на територијата на СВР Скопје.

Со предложените законски решенија се очекува да се постигне зајакнување на безбедноста во сообраќајот преку воведување посебна постапка за прекршоци од областа на безбедноста на сообраќајот на патиштата утврдени со помош на технички средства и уреди за снимање преку системот „Безбеден град“. Брзо и ефикасно санкционирање на прекршителите и изрекување санкции, што ќе влијае на генерална превенција во областа на безбедноста на сообраќајот.

Со овој предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците се предвидува можност за примена на новите технологии (систем за детектирање преку технички средства и уреди за снимање), кои може да бидат добра алатка за брзо и ефикасно детектирање на сообраќајните прекршоци и спроведување на процесот на нивно санкционирање.

Во првата фаза системот ќе регистрира: брзо возење, минување на црвено светло, истечена важност на сообраќајна дозвола и непрописно паркирање. Во следната фаза е предвидено проширување на спектарот на прекршоци. 

Кога системот ќе биде целосно пуштен во употреба, сопствениците на возилата за кои е утврден прекршок ќе добиваат СМС-порака и е-пошта со линк за преземање записник со платен налог. Прекршоците ќе може да се платат електронски, а при навремено плаќање нема да се наплаќаат дополнителни трошоци. За одредени прекршоци за кои е пропишана и мерка забрана за управување со возило, МВР ќе поднесува барање за поведување постапка до надлежен суд.

Во рамките на 76. седница е и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за државните награди - прво читање. Собранието денеска ќе одржи и продолженија на две пленарни седници. Во рамките на 81. седница преостанале предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешните работи и предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полицијата, и двата по скратена постапка. На 20. седница е предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за посебен регистар за лицата осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија во прво читање.фф/вг/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан