• четврток, 21 ноември 2024

„На се’ ќе дојде крај“ на Рајко Грлиќ вечерва ќе го затвори деветтото издание на „Киненова“

„На се’ ќе дојде крај“ на Рајко Грлиќ вечерва ќе го затвори деветтото  издание на „Киненова“

Скопје, 20 октомври 2024 (МИА) - Филмот „На се ќе дојде крај“ ги отсликува фрустрациите на сите нас, но воедно ни носи и убава љубовна приказна. Мислам дека вреди да се погледне, посочи на денешната прес-конференција хрватскиот актер Јанко Поповиќ Волариќ во Скопје. Филмот е во режија на Рајко Грлиќ, а вечерно ќе биде прикажан во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Општина Кисела Вода, и ќе го затвори деветтото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“.

Филмот „На се ќе дојде крај“ е во копродукција меѓу Хрватска, Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Турција, Бугарија. 

Поповиќ Волариќ, кој денеска е во Скопје по повод проекцијата на филмот, посочи дека израснал со филмовите на Рајко Грлиќ, појаснувајќи дека Грлиќ претежно снима граѓански филмови, многу помалку воени или социјални драми.

-Израснав со филмовите на Рајко. Во нашата кинематографија, во Хрватска, голем дел од филмовите и сериите се рурални. Јас на самата аудиција „кликнав“ со Живко Аночиќ, кој го глуми главниот лик, иако самата аудиција не помина најдобро. Меѓутоа, јас и Живко седнавме еднаш на кафе, во продукција меѓи двете сцени и разговаравме. Рајко го слушнал нашиот разговор и одлучил дека токму тоа го сака во филмот. Па така и јас и Живко добивме улоги за филмот, рече Поповиќ Волариќ.

Како што посочи, Живко ја игра улогата на корумпиран адвокат, кој се бори само за позиција и за моќ, а истите се и луѓето во неговото опкружување. Моралност, како што рече, не постои, а секој си гледа само за себе. Во филмот, Поповиќ Волариќ го глуми најдобриот пријател на главниот лик кој сепак е поинаков од него.

-Ги повикувам сите да дојдат на проекција на новиот филм на Рајко Грлиќ „На се ќе дојде крај“. Сметам дека филмот е важен, кој ги отлсикува фрустрациите на сите нас, а ни носи и убава љубовна приказна. Мислам дека вреди да се види филмот, додаде Поповиќ Волариќ.

Прашан дали има некој следен проект во најава, Поповиќ Волариќ одговори дека во моментов нема голем проект во план, до крајот на година ќе се посвети на помалите улоги.

Копродуцентката на филмот, Елена Станишева денеска на прес-конференција рече дека сценариото на филмот беше интригантно, бидејќи се работи за жанровски филм, за трилер кој има политичка нота и токму затоа прифалита да го продуцира.

-Најомилениот филм на Рајко Грлиќ ми е„Устав на Република Хрватска“ од 2016година, бидејќи генерациски е поблизок до мене, односно генерациски појасно можев да ги видам тие филмови. Инаку, копродукцијата на овој филм почна преку Дејан Милошевски. Тој ми се јави и ме замоли дали би сакала да бидам копродуцент на овој филм. Кога го прочитав сценариото, ми беше интригантно, бидејќи се работи за жанровски филм, за трилер и има политичка нота, која што на некој начин е интриганатна и „пецкава“. Не бев сигурна дали ваков филм ќе помине во Македонија, со тоа што Македонија беше последната алка на целата копродукција, рече Станишева.

Таа додаде дека филмот има седум регионални копродукции, а Македонија беше последното „парче од сложувалката“

-Ние во септември 2023 година ги добивме резултатите и филмот влезе во продукција. Во октомври 2023 година филмот веќе почна со снимање, додаде Станишева. Како што најави, филмот „На се ќе дојде крај“ од 31 октомври ќе се прикажува во „Синеплекс“ и во кината ширум државата.

Во филмот, Макс Пинтер е успешен адвокат од Загреб, кој успева да ги отфрли обвиненијата против неговиот клиент за двојно убиство, богатиот и моќен бизнисмен Динко Хорват. На прославата, Макс е пијан и му кажува на Динко дека ладнокрвно ги убил работниците, кои дошле да прашаат за своите плати. Соочувањето со еден од столбовите на општеството го прави Макс непожелна личност, тој ги губи својот партнер и клиентите, а неговата сопруга го напушта. Со својата девојка од универзитетските денови, Нина, започнува мисија за одмазда. Од друга страна, никој во оваа приказна не е целосно невин и сите се тесно поврзани.

Улогите ги толкуваат Jелена Ѓокиќ, Живко Аночиќ, Борис Исаковиќ, Јанко Поповиќ Волариќ, Емир Хаџихафисбеговиќ, Ксенија Маринковиќ, Марина Реџеповиќ, Петре Арсовски.

За наградите кои вечерва ќе бидат соопштени во рамките на „Киненова“, одлучува жирито во состав на Јани Бојаџи претседател, Асимина Проедру и Дорина Оарга, членови.бт/цр

Фото: МИА, Киненова

 

 

 

 

Остани поврзан