• петок, 05 декември 2025

На свечена академија прогласени најдобрите просветни работници и ученици oд Крива Паланка во учебната 2024/25

На свечена академија прогласени најдобрите просветни работници и ученици oд Крива Паланка во учебната 2024/25

Крива Паланка, 22 мај 2025,( МИА) - На свечено академија во чест на 24 мај – Денот на сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, како и во чест на Свети Јоаким Крчовски, достоинствено и свечено, Општина Крива Паланка ги прогласи најуспешните и најдобрите просветни работници и ученици на генерација за учебната 2024/25 од воспитно-образовните институции во општината.

За најдобар просветен работник во предметна настава беше прогласен професорот по спорт и спортски активности во СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, Ведран Белешковски, кој пет години во низа со женскиот кошаркарски училишен тим освојува државни првенства, медали од Европски средношколски првенства и достојно ги претставуваат гимназијата и градот на светски гимназиски натпреварувања. Како професор , негов главен мотив во работата со учениците е низ едукација да ги надградува нивните квалитети и таленти, развивајќи, како што рече, дисциплина, одговорност, победнички дух, лидерство и тимска работа што се учат низ спортот.

Признание за најдобар просветен работник во одделенска настава доби Јасминка Станковска од ООУ „Илинден“, која со своето мото „Учете ги децата да ги прифаќаат различностите и ќе стекнат самодоверба, преку  иновативен пристап во работата, работи на едукација и развој на младите генерации.

За ученици на генерација беа прогласени: Горјан Николовски од ООУ „Св. Јоаким Крчовски“, Марија Ивановска, ООУ „Илинден“ и Ева Симонова, СОУ „Ѓорче Петров“.

Признанијата ги врачи градоначалникот на Општина Паланка,Сашко Митовски, кој порача дека денес се поклонуваме пред силата на словото, како најголемо оружје на едно општество.

-Просветителите, светите браќа Кирил и Методиј и просветителот Свети Јоаким Крчовски, не оставија само букви, туку ни даруваа пат кон знаењето, верата и културата. Нивната мисија не заврши со создавањето на азбуката, туку продолжи да живее низ сите векови преку делото на нивните ученици и мисионери меѓу кои и духовникот и преродбеник - нашиот Свети Јоаким Крчовски. Нашиот народ е народ на зборот. Нашата историја е историја на знаењето. Нашите корени се длабоко впишани во азбуката на светите Кирил и Методиј. Но, таа азбука е само почеток. Почеток на еден бескраен процес на учење, на растење, на созревање на еден народ. Како што кажал Св. Кирил: „Словото не е само буквите што ги пишуваме, туку е живо и постојано движење на духот.“ Тој дух и денес живее во секоја училница, во секој клас, во секој просветен работник што го посветува своето срце за да создаде нешто поголемо од себе. Просветителството не е само слава од минатото - тоа е жива искра, обврска и повик. Во време на брзи промени и иновации, образованието останува најсилниот одговор на сите предизвици. Јазикот, писмото  и знаењето не се дадени - тие се трајна основа што ние треба да ја негуваме, чуваме и пренесуваме, како што вие ценети  просветни работници, го осветлувате патот на нашите деца. Вашиот труд не се мери во часови работа, туку со срцето и духот  што го вложувате. Вие сте тивки херои на нашето време, рече во обраќањето Митовски.

Според него, во време на недоверба, наставниците се симбол на верба, нивната  професија е мислење, чувство, трпение и љубов за градење личности и испишување  човечки судбини.

За културно-забавната програма на академијата беше задолжен „Тра-ла-ла“ оркестарот кој приреди одлична музичка забава со најпопуларните македонски евергрини. ид/аа/

Фото: Општина Крива Паланка 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан