• петок, 22 ноември 2024

На самитот на БРИКС, кинескиот претседател ќе се сретне со африканските лидери

На самитот на БРИКС, кинескиот претседател ќе се сретне со африканските лидери

Пекинг, 18 август 2023 (МИА) - Кинескиот претседател Си Џинпинг ќе се сретне со шефовите на африканските држави на маргините на самитот на БРИКС следната недела заради „развој на соработката меѓу Кина и Африка во нова ера“, изјави денеска кинескиот амбасадор во Јужна Африка.

Средбата ќе се одржи доцна в четврток, последниот ден од тридневниот самит, изјави Чен Сијаодонг на брифинг. Денот е посветен на настани во кои учествуваат повеќе од 70 земји поканети како „пријатели“ на блокот БРИКС, составен од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужноафриканската Република.

Во вторник, Си ќе оствари државна посета на јужноафриканскиот главен град Преторија за да се сретне со Сирил Рамафоса, а подоцна ќе го посети Јоханесбург на самитот, што е негово петто патување во ЈАР откако стана претседател во 2013 година.

Чен рече дека кинескиот претседател и африканските лидери ќе подготват план за соработка за создавање работни места и подобрување на условите за живот во Африка.

„Иницијативите ќе бидат прилагодени на потребите на африканското економско преструктуирање и модернизација“, посочи тој.

Сè уште не е познато колку шефови на држави ќе присуствуваат на состанокот од 22 до 24 август, но јужноафриканските власти соопштија дека се поканети повеќе од 70 луѓе.

Додека Кина активно се залага за проширување на групата, нејзините членки имаат различни ставови за критериумите за новите земји-членки.

Помеѓу 2000 и 2020 година, кинеските кредитори, главно државни банки, се согласија да позајмат 160 милијарди долари на африканските земји, според податоците на Универзитетот во Бостон, а кинеските компании исто така инвестираат многу во рударската индустрија на континентот. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан