На самитот Латинска Америка – ЕУ со декларација отфрлена „употребата на сила“
- Педесетина држави од Латинска Америка и Европската Унија на самитот во Колумбија го изразија своето противење на „употребата на сила“ спротивно на меѓународното право, во контекст на тензиите со Соединетите Држави поради американските напади врз бродови во Карипското Море и Тихиот Океан.
Санта Марта, 10 ноември 2025 (МИА) – Педесетина држави од Латинска Америка и Европската Унија на самитот во Колумбија го изразија своето противење на „употребата на сила“ спротивно на меѓународното право, во контекст на тензиите со Соединетите Држави поради американските напади врз бродови во Карипското Море и Тихиот Океан.
Со декларацијата заврши првиот ден од самитот на Заедницата на латиноамерикански и карипски држави (CELAC) и Европската Унија, кој беше обележан со прикриени критики упатени кон Вашингтон и референци на меѓународни конфликти.
- Повторно нагласуваме дека се противиме на употребата или заканата со употреба на сила и на секое дејство што не би било во согласност со меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации, се наведува во текстот што вчера го потпишаа 58 од 60 држави, додека Венецуела и Никарагва останаа воздржани.
- Го разгледавме значењето на безбедноста на море и регионалната стабилност на Карибите, се додава во документот, но директно не се споменуваат американските напади врз бродови за кои Вашингтон се сомнева дека превезуваат дрога и во кои досега загинаа 70 лица.
Во декларацијата не се споменува Доналд Трамп „едноставно затоа што не успеавме да ги придобиеме сите држави за тоа“, објасни потпретседателката на Европската комисија, Каја Калас.
Американскиот претседател го обвинува својот венецуелски колега Николас Мадуро дека е член на наркокартел, а колумбискиот претседател Густаво Петро го нарече „наркобос“.
- Заканата со употреба на воена сила повторно е дел од латиноамериканското и карипското секојдневие. Старите маневри и реторика се рециклираат за да се оправдаат илегалните интервенции, рече бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва, сојузник на Густаво Петро.
Калас, пак, пристигнувајќи на самитот, изјави дека „сила може да се примени само поради две причини: Или легитимна одбрана или при спроведување на резолуција на Советот за безбедност на ОН“.
Заедничката декларација ја осудува и „војната што се води против Украина, а која и натаму предизвикува огромно човечко страдање“.
Според Каја Калас, Венецуела и Никарагва не ја потпишале декларацијата токму поради тој дел.
Од 33 земји-членки на CELAC и 27 членки на ЕУ, на самитот што завршува денеска учествуваат само девет шефови на држави. јт/
Фото: ЕПА