• среда, 20 ноември 2024

На распит пред Анкетната комисија за онкологија актуелни и поранешни заменици-министри за здравство

На распит пред Анкетната комисија за онкологија актуелни и поранешни заменици-министри за здравство

Скопје, 25 октомври 2023 (МИА) - На собраниската Анкетна комисија за скандалот во Клиниката за онкологија попладнево на прашањата на пратениците одговараа актуелната заменик-министерка за здравство Маја Манолева и поранешниот заменик-министер за здравство Владимир Рендевски.

Маја Манолева, заменик министерка за здравство, која ја извршува функцијата од март годинава очекува наводите што се почнати од оваа постапка од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство да резултираат со исход и дека ќе дадат точни, прецизни информации дали на Клиниката за онкологија имало злоупотреба на терапијата и на други процедури и доколку имало кои се виновниците со точно име и презиме кои се обиделе да ја злоупотребуваат довербата на пациентите.

-Не сметам дека ако во оваа време се отвора еден ваков сериозен проблем, кој треба да финишира, јас треба да си поднесам оставка. Треба да ги чекаме резултатите кои ќе ни ги даде Основното јавно обвинителство за да видиме со што располагаме, какви евентуални дела имаме и дури потоа да видиме како сето тоа ќе резултира на крајот. Не сум имала сознанија претходно во врска со овој случај. Би сакала истрагата да го докаже обвинението на евентуалните кривци во обвинението, но би сакала да кажам  дека ние не сме суд или обвинителство за да носиме одлуки индивидуално и како пратеници и како луѓе, рече Манолева.

Таа нагласи дека не сака да и бидат достапни никакви информации околу овој случај кои не се достапни за останатата јавност.

Според неа, она што требало да заседава, а што е факт дека не заседавало и што е извесно во ревизорскиот извештај, е дека не заседавал онколошкиот колегиум.

Манолева соопшти дека уште веднаш по стапувањето новоименуваната медицинска директорка на Клиниката за онкологија  Виолета Клисаровска побарала секоја среда да заседава онколошкиот колегиум, на кој, како што рече, транспарентно сите раководители да имаат право на глас освен медицинскиот директор на институцијата.

Заменик-министерката истакна дека долгот на Клиниката за онкологија и радиотерапија е зголемен поради зголемениот број на онколошки пациенти, но и заради воведувањето на биолошката терапија која претставува скапа иновативна терапија.

Владимир Рендевски, поранешен министер за здравство истакна дека за случајот во Онкологија разбрал од медиумите. Со вакви постапки, според Рендевски кој функцијата ја извршуваше од февруари 2022 до февруари 2023 година, се губи довербата кај граѓаните и пациентите во државното здравство. 

Како што рече Рендевски, клинички патеки, тумор бордови, на стручен колегиум треба да функционираат за да не ни се случат понатаму вакви работи. Потенцира дека доколку постојат неправилности, треба да има одговорност.

-Јас отсекогаш сум бил поборник дека Македонија треба да има јако државно здравство, особено како една земја во развој. Доколку постојат неправилности, треба да има одговорност за оваа работа. Мое гледиште како лекар е дека биолошката терапија реално е многу скапа и мора да постојат јасни критериуми, клинички патеки по кои што ќе се одлучува кај кои пациенти треба да биде спроведена биолошката терапија. Не може за секој пациент кој што е во напреднат стадиум да има биолошка терапија, а од друга страна во здравството ние се соочуваме со огромен недостиг по однос на други работи. Мое мислење е дека и во иднина треба а и требало стручниот колегиум да биде компетентен за спроведување, односно одредување кој пациент да ја добие која биолошка терапија, рече тој.

Според него, ако било која јавно здравствена установа за кратко време наталожува одреден долг, тоа не е добро и секоја институција треба да реагира за тоа.

Досега пред Анкетната комисија, која треба да утврди политичка одговорност за скандалот со терапијата на Онкологија, зборуваа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и поранешните министри за здравство Венко Филипче и Беким Сали, актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити, поранешните и актуелните директори на Фондот за здравствено осигурување на Република Северна Македонија, Орхан Рамадани, Фатон Ахмети, Магдалена Филиповска Грашковска, поранешниот заменик-министер за здравство Илир Хасани.  

Одлуката за формирање Анкетна комисија беше донесена на 20 септември, откако по наводите во јавноста за злоупотреба на лекови на оваа клиника, Јавното обвинителство отвори предистражна постапка.

Наводите за злоупотреба на лекови на клиниката, предизвикаа реакции во јавноста и низа протести. фф/аа/

Фото: Принтскрин од видео

Остани поврзан