• петок, 20 декември 2024

На летен младински камп во Јал кај Валона ечеше македонска песна

На летен младински камп во Јал кај Валона ечеше македонска песна

Тирана,  27 август 2024 (МИА) - Во рамки на летниот камп на Младинското движење на Партијата на слободата, на поранешниот албански претседател Илир Мета, присуствуваат и десетина млади Македонци од општина Пустец, предводени од локалниот партиски лидер Панди Јани.

-На кампот што се одржува во познатото туристичко место Јал, во близина на Валона, учествуваат повеќе од 200 млади од сите делови на Албанија, дискутираме и разменуваме мислења, ставови и погледи за актуелната состојба во земјата. Посебен акцент секако ставаме на она што е најнеопходно за подобра иднина и благосостојба, кои се услов младите да останат во своето родено место, изјави Јани за МИА.

Освен Мета, кој редовно, и кога беше шеф на државата, секогаш ја нарекуваше „прекрасна македонска заедница“, во  обраќањето генералниот секретар на партијата Теди Блуши, меѓу другото, рекол дека 
„почитуваното македонско малцинство е драгоцено богатство за Албанија".

Во летниот камп на Младинското движење во Јал,  додава тој,  заедно сме со извонредниот лидерски тим од млади момчиња и девојки на Партијата на слободата во општина Пустец. 

-Со нашите пет приоритети ќе и го вратиме сјајот и напредокот  на општина Пустец, ќе ја запреме депопулацијата на младите од овој крај, ќе го зачуваме и промовираме прекрасниот соживот, вредностите и традициите на прекрасното македонско малцинство, посочил Блуши.

-Во Јал денеска ечеше меѓу другите и песната „Стани моме да заиграш" и се играше оро, а со нас учесниците на кампот во орото беа и Мета и Блуши. Ова не е првпат господинот Мета да покаже дека има голема почит кон нас Македонците, рече Панди Јани.

За потсетување, тој играше македонско оро на  песната „Бисер балкански" кога во претседателската резиденција кај него беа во посета претставници на малцинствата. вт/хс/ 

 

 

 

Остани поврзан