• недела, 22 декември 2024

На Кокино масовно пошумување, заврши втората етапа на проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“

На Кокино масовно пошумување, заврши втората етапа на проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“

Куманово, 3 декември 2023 (МИА) - Заврши втората етапа на проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“ на компанијата „Дм Дрогерии“ (dm дрогерие маркт) со масовно пошумување на опоажарената површина на Кокино на која вработени, граѓани и екипи на ЈП „Национални Шуми“ засадија над 30.000 садници.

- Исклучително ни е драго што проектот „Пошумуваме заедно за позелено утре“ наиде на огромна поддршка пред сè од страна на вработените во компанијата кои го препознаа позитивниот карактер на проектот и несебично придонесоа во  нашите активности. Благодарност и до институционалните партнери и до граѓаните кои доброволно се вклучија во секоја активност. Минатата година кога го започнавме проектот, целта ни беше  да прерасне во традиција која ќе се организира секоја година. Навистина сме среќни што успеавме во тоа и еве нè денес, после една година од минатогодишното пошумување со нови проекти и успешна реализација на истите. Главниот мотив за започнување на проектот лежи во стратешката определба на нашата компанија да придонесе за позелена животна средина и здрави навики кои ќе обезбедат подобро утре за нас и идните генерации, изјави Кристина Дуранска, маркетинг-менаџер на „dm дрогерие маркт“.

Во проектот се вклучија ЈП „Национални шуми“, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоенженеринг „Ханс Ем“, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ЈП „Паркови и зеленило“ и Град Скопје.

Помошникот директор од ЈП Национални Шуми, Маре Басова, рече дека ваквите акции имаат исклучително значење за обнова на шумите.

- 144 хектари беа опожарени во големиот пожар што се случи во Кокино 2021. Возраста на шумите e 40 години и сега ни се потребни 40 години за да се врати ликот каков што бил до 2021. Сакам да искажам благодарност до „ДМ Дрогерии“ и да упатам апел до сите да се вклучуваат во овие акции зашто шумата не е привилегија само за една група, туку е привилегија за сите нас, кажа Басова.

Таа апелираше сите да внимаваат како се однесуваат во шумите на кои им се потребни децении да се обноват.Шумите, иако национално богатство се мета на постојано уништување или од бесправни сечи или од шумски пожари што негативно влијаат врз животната средина.

Од „ДМ Дрогерии“ кажаа дека годинава инвестицијата е повеќе од 1.300.000 денари проектот е проширен и се реализирал во три етапи. На 27 октомври годинава беа засадени 200 дрва во училишниот двор на ОУ „Никола Вапцаров“ во Струмица, на 12 ноември, во рамки на овој проект беа засадени повеќе од 400 стебла долж трим патеката во паркот Гази Баба во Скопје, локација која е чест избор за викенд прошетки. Исто така во рамки на проектот набавени се 1.000 контејнери за одгледување на садници, набавени за потребите на ЈП „Национални шуми“. ам/аа/
Фото: „ДМ Дрогерии“

Остани поврзан