• петок, 22 ноември 2024

На ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола киноприкажувачите потпишаа Меморандум за вмрежување

На ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола киноприкажувачите потпишаа Меморандум за вмрежување

Битола, 28 септември 2023 (МИА) - Седум македонски киноприкажувачи денеска во рамки на фестивалот „Браќа Манаки“, а под медијаторство и иницијатива на Форумот за разумни политики потпишаа Меморандум за вмрежување.

Потписници се Кинотека на Северна Македонија, Синема паркинг кино-Битола, 3Д Кино Битола, Центар за култура-Битола, Киноверзум Свети Николе, кино „Фросина“ од Скопје, кино „Милениум“ и Синеплекс, зедно со Агенцијата за филм и Канцеларијата на Креативна Европа Медиа Македонија.

-Со овој Меморандум се изразува интерес и желба за заедничко дејствување во киноприкажувачката дејност со една и единствена цел - Меморандумот да служи како основа за формирање на единствена кино-мрежа во Република Северна Македонија. Целта на оваа кино-мрежа е поврзување на прикажувачите, односно кината и застапување на нивниот заеднички интерес. Вакви кино-мрежи веќе постојат во Европа, во регионот и во светот, еве сега и кај нас со ова здружување ќе се обидеме да ја вратиме изгубената публика и да создаваме нова кино-публика, но и едукацијата на филмска публика, истакна Бистра Георгиева од Форум за разумни политики.

Вмрежувањето на киноприкажувачите го поздрави Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура-Битола.

-Вмрежувањето се случува во Битола, град кој е запишан како филмски центар пред се со 3Д киното, потоа преку фестивалот „Браќа Манаки“, Етнографски филмски фестивал, Фестивалот Камера 300 итн. Сакам да истакнам дека иако денеска овој Меморандум се потпишува на парче хартија, ние досега природно се вмрежувавме и сме реализирале безброј соработки, посочи Андоновска Илијевски.

По свеченото потпишување на Меморандумот, членовите на оваа иницијатива најавија следна средба во Свети Николе. мт/мд/

Фото: ИФФ „Браќа Манаки“

Остани поврзан