• четврток, 04 декември 2025

На Денот на танцот почнува 21. издание на Танц Фест Скопје

На Денот на танцот почнува 21. издание на Танц Фест Скопје

Скопје, 24 април 2025 (МИА) - На Меѓународниот ден на танцот - 29 Април, ќе биде отворено 21. издание на Танц Фест Скопје. Фестивалот ќе почне со читање на домашната порака од Адријана Данчевска Ровчанин, која беше избрана за овогодишна авторка на пораката од Танцовиот одбор на ИТИ Македонија, а воедно ќе биде доделена и наградата „Менада“ на годинашната добитничка – Роксан Стојанов, ѕвезда на Париската опера.

Фестивалот ќе се одвива до 13 мај. Отворањето ќе биде збогатено и со краток перформанс на UCSB Танцова Компанија, од Калифорнија, Санта Барбара, кој е вовед во целосната изведба нивната продукција „Рефракции - гласови на светлината и темнината” која ќе ја видиме на 30 април во МКЦ.

Како што е најавено, кулминација на вечерта ќе биде светската премиера на „Идентитети – будење“, третото и последно дело од трилогијата „Идентитети“, со што ќе се одбележи 45-годишниот јубилеј на уметничката кариера и творештво на Рисима Рисимкин.

Во февруари 2025 година, Рисимкин беше одликувана со престижното француско признание Витез од Редот на уметностите и книжевноста на Франција за нејзиниот значаен придонес во развојот на современиот танц и културата.

Како што соопштија организаторите, оваа година, Танц Фест Скопје го става фокусот на врската меѓу танцот и технологијата преку повеќедневна интерактивна поставка во Националната Галерија Чифте Амам – Скопје.

Во рамки на оваа програма, ќе бидат претставени три клучни проекти. Првиот проект е „Ringside“ - проект кој користи технологија на виртуелна реалност (VR) за снимање и прикажување на изведбите на групи гледачи во опуштена, поинтимна атмосфера преку VR наочари.

Вториот проект е „Stage360“ - нова форма на сценска изведба — виртуелно доживување на претстави преку VR очила, снимени со 360° камера поставена во самото срце на сцената. „Stage360“ создава нов начин на гледање и приближување на современите сценски практики до нова публика.

Ова е иновативно и интерактивно уметничко искуство што гради мост помеѓу минатото и иднината на сценската уметност.

Третиот проект е „LuminAI“ - танц и вештачка интелигенција – интерактивна уметничка инсталација на д-р Милка Трајкова од Институтот за технологија Џорџија, САД. „LuminAI“ е иновативен проект развиен од Georgia Tech, кој овозможува интерактивна импровизација меѓу човекот и вештачката интелигенција преку танц. Учесникот танцува пред екран, додека виртуелниот партнер – воден од AI – ги следи, анализира и им одговара на движењата со свои импровизирани гестови. Проектот ја истражува креативната соработка меѓу телото и алгоритамот, отворајќи нови можности за уметничка експресија и перформанс во дигиталната ера.

-Како и секоја година, програмата на Танц Фест Скопје дава особен фокус на домашните и младите уметници, кои оваа година ќе ги претстават соработките со
Скопје Танцовиот Театар: „Вортекс – Одисеја“ и „Мокументари” – на Адријана Данчевска Ровчанин; „Exo на Баронот“ – на Дејан Битровски; како и соработката
со кореографката Џилда Цесарио од Италија, „Несовршен Превод”, се вели во соопштението за фестивалот.

Фестивалот ќе биде затворен на 13 мај со интерактивната кореографска претстава „Myselves“ на K-Dance, пионери во спојувањето на современ танц и
дигитална уметност. Оваа изведба ја истражува врската меѓу танчерот и неговите повеќе „јас“, инкорпорирајќи автономни и непредвидливи визуелни и
звучни ефекти, кои ги пресликуваат емотивните и психолошките состојби на танчерот преку сензори за движење и оптичка анализа.

Настанот е поддржан од Интерарт и Францускиот институт во Скопје.бт/лв/

Фото: Тимот на Танц Фест

 

Остани поврзан