14 јануари 2026 (МИА)
1742.- Во Лондон умрел Едмунд Халеј, англиски астроном и геофизичар. Меѓу другото, прв открил дека ѕвездите се движат. Најмногу набљудувана и најпозната е според него наречената Халеова комета. Роден бил во 1659 година.
1784.- САД го ратификувале мировниот договор со Велика Британија, со што и формално завршила Американската војна за независност.
1809.- Британија и Шпанија склучиле сојуз против францускиот цар Наполеон I.
1839.- Во Штип е роден Јосиф Ковачев, учител, педагог, основоположник на современото школство во Македонија, еден од најобразованите луѓе во Македонија во тоа време. Умрел во Софија, на 31 декември 1898 година.
1875.- Во Кајзерберг, Франција, е роден Алберт Швајцер, познат хуманист, лекар, филозоф, теолог и музичар. Од 1913 година работел како лекар-мисионер во организирањето на здравствената служба во Екваторијална Африка. Во 1952 година ја добил Нобеловата награда за мир. Умрел во Ламберане, денешен Габон, на 4 септември 1965 година.
1881.- Во Кукуш е роден Милан Стоилов, македонски револуционер, еден од основачите и секретар на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург, член на Тајниот македонско-одрински кружок и учесник во Илинденското востание. Загинал во селото Витошево, Кочанско, во борба против турската војска, на 6 септември 1903 година.
1898.- Умрел англискиот писател и математичар Луис Керол. Дела: „Алиса во земјата на чудата“, „Низ огледало“.
1906.- Во Кавадарци е роден Васил Хаџиманов, етномузиколог, фолклорист и мелограф. Тој е еден од најголемите собирачи на македонски народни песни и за време на својот живот собрал повеќе од шест илјади изворни народни песни, 500 тажалки и 700 албански народни песни.Васил бил еден од идејните водачи на културото живеење на Кавадарци, во периодот помеѓу двете светски војни. Магистрирал фармација и работел како аптекарски помошник во аптеката на Бошко Марковиќ. Учествувал во НОВ, како борец во партизанскиот одред „Јане Сандански“. Со својата Тиквешка фолклорна група, на Сојузниот натпревар во Белград, го освоил првото место во 1938 година. По војната работел како музички уредник во Радио Скопје, појаснува Камчевски. Васил Хаџиманов умрел во Скопје, на 16 декември 1969 година
1907.- Земјотресот кој го разорил Кингстон на Јамајка усмртил околу илјада луѓе.
1914.- Хенри Форд, "крал на американската автомобилска индустрија", ја пуштил во работа првата бескрајна производна лента. Тоа значело пресвртница, бидејќи го забрзало производството на автомобили и придонесло за големо намалување на нивната цена.
1914.- Во селото Долени, Костурско, е роден Паскал Паскалевски, македонски револуционер, писател, новинар и учесник во Граѓанската војна во Грција (1945 - 1949). Автор бил на стихозбирките „Пролет над Егеј“, „Народни песни од Егејска Македонија“ и други. Умрел во Скопје, во 2003 година.
1925.- Роден е јапонскиот писател Јукио Мишимо. Дела: романите „Исповед на една маска“, „Шумот на брановите“, „Златен павиљон“, „После банкетот“, „Морнарот кој го изневери морето“, драмата „Пет модерни `no` игри“.
1932.- Во селото Присовјани, Струшко, е роден Јован Котески, македонски поет. Бил претседател на Советот на Струшките вечери на поезијата. Во 1985 година, во ситуација што подоцна ја опишува како кафкијанска, е уапсен во својот дом во Скопје и осуден на петгодишна робија. Обвинувањето го товари за илегално работење на уривањето на Југословенската Федерација и за создавање независна македонска држава. За време на судењето, еден од обвинителите, за Котески барал казна затвор од 20 години. Припаѓал на последната група политички затвореници-интелектуалци во поранешната југословенска федерација. Додека бил во затвор, сите збирки поезија на Котески биле повлечени од книжарниците и од библиотеките. Меѓу неговите дела најпознати се: „Земја и страст“, „Насмевка пред зорите“ (1958), „Злодоба“ (1963), „Сенки“ (1972), „Хераклеја“ (1978), „Поморија“ (1981), „Бденија и сновиденија“ (1982), „Тапија“ (1985), „Живожарица“ (1990), „Сончева белегија“ (1990),„Злодоба“ (1992), „Решетки“ (1996), „Одрон“ (1998), „Разор“ (1999). Умрел во Скопје, на 12 јули 2001 година.
1957.- Умрел американскиот филмски актер Хемфри Дефорест Богарт, добитник на Оскар во 1951 година за филмот „Африканска кралица“. Филмови: „Казабланка“, „Малтешкиот сокол“, „Длабок сон“, „Богатството на Сиера Мадре“, „Р`тот Ларго“, „Да се има и да се нема“, „Босоногата контеса“, „Тежок пад“.
1969.- Во СССР биле лансирани во вселената бродовите "Сојуз-4" и "Сојуз-5" и за првпат во историјата е формирана експериментална вселенска станица.
1977.- Умрел англискиот државник Роберт Ентони Идн, премиер на Велика Британија од 1955 до 1957 година и во неколку мандати шеф на дипломатијата. Поднесол оставка во јануари во 1957 година по неуспехот на британско-француско-израелската агресија врз Египет во октомври 1956 година.
1986.- Во Холивуд умрела Дона Рид, американска филмска и телевизиска актерка. Во 1958 година ја добила наградата "Оскар" за улогата на девојка за забава во познатиот воен филм "Од овде до вечноста". Родена била во 1922 година.
1989.- На магинстралниот пат Охрид - Кичево, во близина на месноста Лавчанско Рачиште, во сообраќајна несреќа загинала Цветанка Трпкова, долгогодишен член на Драмското судио на Радио Скопје, автор на повеќе драмски текстови, режисер и толкувач на улоги во голем број радио-драми. Родена била во Прилеп, во 1939 година.
1994.- Фудбалскиот сојуз на Македонија станал придружен член на Европската фудбалска унија.
2000.- Умрел Томислав Зографски, македонски музички творец, композитор, професор и публицист. Роден бил во Велес, на 29 март 1934 година.
2005.- По седумгодишното патување европската сонда „Хајгенс“ успеала да се спушти на Сатурновата месечина Титан и да ги испрати првите фотографии во контролата на летање во Дармштат.
2006.- Умрел американската актерка Шели Винтерс, добитничка на Оскар на Американската филмска академија за споредни улоги во филмовите „Дневникот на Ана Франк“ и "A Patch of Blue". Филмови: „Морнаров одмор“, „Вечерва и сите ноќи“, „Црвена река“, „Место под сонцето“, „Лолита“.
2016.- Во 73-та година од животот почина Рене Анжели, сопругот и менаџер на познатата канадска пејачка Селин Дион. Анжели, кој ја открил Дион е заслужен за нејзината успешна кариера со која бил во брак од 1994 година.
###