• недела, 22 декември 2024
На денешен ден
19 април 2020 (МИА) 885.- Во Моравија умрел Методиј Солунски, постар брат на Константин Филозоф - Кирил, двајцата македонски и сесловенски учители и просветители. Создавајќи ја првата словенска азбука, преведувајќи ги на словенски јазик најпотребните богослужбени книги, издигнувајќи еден македонски говор на прв словенски книжевен јазик и формирајќи силни следбеници, како што беа нивните ученици Климент Охридски, Константин Брегалнички и други словенски просветители, Кирил и Методиј станале најзаслужни за словенската просвета, богослужба и култура. Методија е роден околу 825 година. 1587.- Британската флота под команда на адмиралот Френсис Дрејк го освоила градот Кадис во Шпанија. Шпанската „непобедлива армада“ била уништена во наредните неколку години во Ла Манш. 1772.- Во Лондон е роден Давид Рикардо, англиски економист, главен претставник на англиската класична школа, приврзаник на теоријата за работната вредност. Во 1809 година го објавил памфлетот „Цената на златото“. Најпознато негово дело е „Принципи на политичката економија“. Умрел во Лондон, на 11 септември 1823 година. 1775.- Американската војна за независност почнала со поразот на Британците кај Лексингтон и Конкорд. 1783.- Конгресот на САД објавил дека со победа завршила војната за независност од Велика Британија. 1906.- Во Париз умрел Пјер Кири, француски физичар и хемичар. Заедно со својата сопруга Марија Кири ги удрил темелите на науката за радиоактивноста, пронаоѓајќи два важни елемента: радиумот и полониумот. Роден бил во 1859 година. 1911.- Во Португалија била одвоена црквата од државата. 1921.- Стапил на сила законот за поделба на Ирска - на Република Ирска и Северна Ирска, која остана дел од Велика Британија. Независноста е резултат на многубројните востанија на Ирците, па британската влада, немоќна со оружје да го спречи бунтот, го поделила Островот и на поголемиот дел му ја признала независноста. 1945.- Американските војници во Втората светска војна го зазеле германскиот град Лајпциг. 1967.- Умрел германскиот државник Конрад Аденауер, канцелар на Западна Германија од 1949 година до 1963 година. 1971.- СССР ја лансирала вселенската станица „Салјут“ во орбитата околу Земјата. 1975.- Од космодромот Бајконур со советска ракета бил лансиран првиот индиски вештачки сателит. 1984.- Лансиран бил првиот кинески телекомуникациски сателит. Пред Кина тоа им успеало само на Советскиот Сојуз и на САД. 1993.- Кралството Холандија ја признало независноста на Република Македонија. 1995.- Во експлозија во една федерална зграда во американскиот град Оклахома Сити загинале најмалку 168 луѓе. 2000.- Во најтешката несреќа во историјата на филипинското воздухопловство загинале 131 патник и членови на екипажот кога авион на компанијата „Ер Филипинс“ се урнал во близина на градот Давао во јужниот дел на Филипините. 2005.- Конклавата на кардиналите на Римокатоличката црква го избрала германскиот кардинал Јозеф Рацингер за нов папа. Тој го избрал името Бенедикт Шеснаесетти. Изборот на новиот папа бил означен со бел чад од Сикстинската капела и бил потврден со биење на камбаните десетина минути подоцна од базиликата „Свети Петар“. Бенедикт Шеснаесетти е 256-ти по ред избран папа и е првиот Германец избран за понтиф по 480 години. 2007.- Умрел францускиот актер Жан-Пјер Касел. Роден е во Париз во октомври 1932 година како син на доктор и оперска пејачка. Филмови: „Среќен пат“, „Тројцата мускетари“ и „Четворицата мускетари“, „Дискретниот шарм на буржоазијата“, „Пекол“, „Церемонија“ „Pret-a-porte“. ###

Остани поврзан