• недела, 22 декември 2024
На денешен ден
20 февруари 2020 (МИА) 1507.- Роден е италијанскиот сликар Џентиле Белини, познат по сликите од венецијанските свечености и процесии. Инсистирал на прецизност така што неговите дела се полни со минуциозни детали. 1790.- Умрел австрискиот цар Јозеф Втори, син на царицата Марија Терезија. Во 1781 година го издал „Патентот за толеранција“ со кој на некатолиците им дозволил слобода на вероисповед и пристап во државната и јавната служба, но истовремено го зајакнал апсолутизмот и спровел германизација. 1808.- Роден е францускиот сликар, графичар и вајар Оноре Домие, најголем карикатурист во 19. век. Неговите смешни, смели и зајадувачки карикатури, кои главно ги објавувал во весникот „Шаривари“, му донесле многу неволји - 1832 година одлежал шест месеци затвор поради карикатурата на кралот Луј Филип. 1886.- Роден е унгарскиот револуционер Бела Кун, водач на Унгарската револуција во 1919 година. Во Првата светска војна бил заробен на Источниот фронт во 1916 година, а по Февруарската револуција во Русија во 1917 година станал член на Губернискиот комитет на Руската социјалдемократска работничка партија. По враќањето во Унгарија, кон крајот на 1918 година ја основал Комунистичката партија на Унгарија. Бил уапсен во времето на сталинистичките чистки и стрелан во 1939 година. 1898.- Во Софија, од најмени терористи, бил убиен Димитар Васил Македонски, македонски преродбеник, учебникар и адвокат. Роден бил во селото Емборе, Кајларско, во 1847 година. 1908.- Кај селото Долна Рибница, Петричко, во борба против турската војска загинал Мануш Георгиев - Турновски, македонски револуционер и војвода, член на ВМРО. Роден бил во селото Ново Село, Струмичко, во 1880 година. 1910.- Убиен бил претседателот на египетската влада Бутрос Гали, чиј внук Бутрос Бутрос - Гали беше генерален секретар на ОН од 1992 до 1996 година. 1920.- Умрел американскиот истражувач и адмирал Роберт Едвин Пири чија експедиција во април 1909 година успеала прва да стигне до Северниот Пол. Го испитал најсеверниот дел на Грендланд, го обиколил и во 1901 година заклучил дека е остров. Дела: „На Север преку Големиот мраз“, „Северен Пол“, „Тајните на поларните патувања“. 1924.- Роден е американскиот филмски актер од африканско потекло Сидни Поатје, прв Aфроамериканец добитник на Оскар. Филмови: „Погоди кој доаѓа на вечера“, „На господинот со љубов“... 1925.- Роден е американскиот филмски режисер Роберт Алтман. Филмови: „Одбројување“, „MASH“, „Приватен детектив“, „Сите ние сме крадци“, „Калифорниски покер“, „Нешвил“, „Кратки резови“, „Три жени“, „Свадба“, „Канзас сити“. 1938.- Британскиот министер за надворешни работи Ентони Идн, поднесол оставка во знак на протест поради политиката на попуштање на премиерот Невил Чемберлен кон Хитлер. Кога Черчил го презел раководењето со британскиот кабинет, Идн како министер бил еден од најактивните државници на антихитлеровската коалиција. 1943.- Во Скопје, во судир со бугарската полиција загина Раде Јовчевски - Корчагин, народен херој на Македонија. Роден бил во Скопје, на 14 август 1919 година. 1962.- САД го лансираа вселенскиот брод „Меркјури атлас МА-6“ со првиот американски космонаут Џон Глен. Бродот трипати ја обиколил Земјата и се спуштил на Атлантикот. 1970.- Почнала изградбата на големиот мост преку Босфорскиот Теснец, кој денес е прва директна копнена врска меѓу Балканот и Мала Азија. 1975.- Владата на кипарските Грци ги повикала Обединетите нации да го одредат крајниот датум за повлекување од островот на 40.000 турски војници, но поради стратешкото значење на Турција за САД и НАТО, тоа не било направено ниту пак Анкара била казнета поради агресија и окупација на северниот дел на Кипар. 1985.- Во Ирска, и покрај жестокото противење на римокатоличката црква, легализирана била продажбата на контрацепциските средства. 1986.- Во орбитата бил лансиран првиот дел од советската вселенска станица „Мир“. 1996.- Зетовците на ирачкиот претседател Садам Хусеин, генералот Хусеин Камел Хасан и неговиот брат Садам Камел Хасан, се вратиле со семејствата во Ирак по шестмесечното бегство во Јордан. Ирачкиот претседател ги помилувал, но три дена подоцна и двајцата биле убиени. 1997.- Владата на САД одбила да ги признае надлежностите на Светската трговска организација во спорот со Европската унија за трговијата со Куба, на која Американците еднострано и наметнале економски санкции. 2000.- Во Скопје умрел Игор Маџиров, македонски актер. Роден бил во 1970 година. 2006.- Во Виена почнале првите директни преговори меѓу Белград и Приштина за децентрализација на власта на Косово и Метохија. Преговорите завршиле без никаков ефект. 2016.- На 83-годишна возраст починала Лепша Пиперковска, основоположник на македонската пијанистичка педагогија. Првиот јавен настап на пијано го имала на осумгодишна возраст. Како Лепша Бојаџиева завршила Средната музичка школа во Скопје а дипломирала на Музичката академија во Белград Лепша Пиперковска е автор на осум учебници за наставата по пијанои  на повеќе стручни трудови од областа на пијанистичката педагогија, теорија и практика. Лепша Пиперковска е родена на 1 ноември 1932 година, во Скопје. ###

Остани поврзан