На денешен ден
- 1584.- Вo Санкт Петербург умрел Иван Четврти Василевич - Грозни, руски цар, приврзаник на автократизмот. Концентрирајќи ја во свои раце целата власт, настојувал со сите средства да ги уништи
18 март 2020 (МИА)
1584.- Вo Санкт Петербург умрел Иван Четврти Василевич - Грозни, руски цар, приврзаник на автократизмот. Концентрирајќи ја во свои раце целата власт, настојувал со сите средства да ги уништи болјарите, а кметовите што поцврсто да ги врзе за земјата. Наречен е „Грозни“ поради грубоста во остварувањето на своите планови. Во настап на бес го убил и својот син. Роден бил на 25 август 1530 година.
1745.- Умрел англискиот државник Роберт Волпол, прв британски премиер. Претседател на владата бил од 1721 до 1742 година, најдолг во историјата на Велика Британија.
1837.- Роден е американскиот државник Стивен Гровер Кливлен, претседател на САД од 1885 до 1889 и од 1893 до 1897 година.
1842.- Роден е францускиот писател Стефан Маларме кој значително влијаел на модерната француска поезија. Дело: „Песни и проза“.
1844.- Во Тихвин е роден Николај Андреевич Римски - Корсаков, руски композитор, диригент и педагог, професор на Петроградскиот конзерваториум и член на групата „Петмина композитори“, мајстор на инструментацијата и техниката. Покрај другото, компонирал 15 опери, од кои најпознати се „Царската невеста“, „Снежинка“, „Садко“, „Мајска ноќ“ и други. Умрел во Лубенск, кај Санкт Петербург, на 21 јуни 1908 година.
1848.- Во Милано избил бунт против Австрија така што австрискиот фелдмаршал Јохан Јозеф Радецки морал да ги повлече трупите од градот.
1858.- Во Париз е роден Рудолф Дизел, германски инженер и научник. Во 1897 година, тој го конструирал првиот мотор со внатрешно согорување на принципот со самопалење, наречен „дизел-мотор“. Умрел на 29 септември 1913 година.
1869.- Роден е Артур Невил Чембрлен, британски политичар и државник водач на Конзервативната партија. Спрема агресивноста на фашистичките сили водел политика на попуштање и двоумење, што довело до зголемување на агресивноста на фашистичките сили и до почетокот на Втората светска војна. Умре на 9 ноември 1940 година.
1871.- Прогласена била Париската комуна, прва пролетерска револуција во историјата, кога работничката класа воспоставила власт и почнала да управува со политичкиот и со општествениот живот во Париз, кој уште тогаш имал повеќе од милион жители. Иако траела само 15 дена, таа извршила многу општествени реформи кои го дале правецот на идниот социјалистички развој.
1913.- Во Солун бил убиен грчкиот крал од данско потекло Георге Први, кој владеел со Грција од 1836 година.
1921.- Бољшевиците со војска во крв го задушиле бунтот во Кронштат, главната база на руската Балтичка флота. Бунтот го предизвикале морнарите на флотата барајќи економски реформи и окончување на болшевичката политичка доминација. Кронштанските морнари и работници во 1917 година силно ги поддржувале бољшевиците и биле едни од најголемите поддржувачи на Октомвриската револуција.
1922.- Британскиот колонијален суд на шест години затвор го осудил водачот на индиското движење за независност Махатма Ганди поради водење кампања за граѓанска непослушност.
1932.- Роден е американскиот писател Џон Хојер Апдајк. Дела: „Кентавр“, „На фарма“, „Двојки“, „Ожени ме“ „Државен удар“, „Вештерките од Иствик“, збирки раскази - „Иста врата“, „Гулабји перја“, „Музичко училиште“, „Проблеми“, „Музеи и жени“.
1936.- Умре грчкиот државник Елефтериос Венизелос, основач на Либералната партија. Бил петпати претседател на владата од 1910 до 1933 година. Како премиер ги реформирал работничкото и аграрното законодавство и ги реорганизирал копнената армија и воената морнарица. Во пролетта 1935 година се обидел со револуција да ја спречи обновата на монархијата, но не успеал и морал да емигрира во Франција каде и умрел.
1948.- Советскиот Сојуз од тогашна Југославија ги повикал воените стручњаци, а следниот ден и цивилите, под изговор дека „се опколени со непријателство“ во обид југословенското раководство под притисок да го натера да го прифати курсот кој го наметнало Информбирото, односно Москва.
1959.- Во селото Велестово, Охридско, е Роден е Славе Ѓорѓо Димоски. Поет, литературен критичар и преведувач. Дипломирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Живее во Охрид. Работи како наставник по македонски јазик и литература. Пишува поезија за деца и возрасни. Застапуван е во многу антологии и преведуван на неколку десетици јазици (англиски, руски, српски, латвиски и други). Димоски е основач на поетскиот фестивал „Поетска ноќ во Велестово“. Позначајни дела: „Гравири“, „Проект“, „Студен порив“, „Спореден пат“, „Темно место“, „Поезија-ткаења “ и други. Носител е на значајни книжевни награди во земјата и странство, меѓу кои и „Св. Климент Охридски - патрон на Охрид“, Орденот „Златна есен - Сергеј Есенин“, "Браќа Миладиновци" и „Ацо Шопов“.
1962.- Во швајцарското гратче Евијан била потпишана Спогодба за прекин на огнот во Алжир, со што завршила осумгодишната војна за ослободување на таа земја од француската колонијална власт.
1965.- Во Рим умрел поранешниот египетски крал Фарук Први, последниот монарх во Египет. На престолот застанал во 1936 година, а во 1952 година од престолот го тргнале побунетите офицери, по што бил принуден да оди во бегство.
1969.- Претседателот на САД Ричард Никсон издал тајна наредба за бомбардирање на Камбоџа.
1970.- Проамериканскиот генерал Лон Нол во Камбоџа извел државен удар додека принцот Нородом Сиханук бил во посета на Москва.
1980.- Умрел Ерих Фром, германски филозоф. Критички ги толкувал тезите на Фројд и ги анализирал причините на самоотуѓувањето и деструктивноста. Најпознати негови дела се „Бегство од слободата“, „Здраво општество“ и други. Роден бил во 1900 година.
1996.- Амбасадата на САД во Скопје започнала со издавање визи за граѓаните на Република Македонија.
1996.- Претседателот на САД, Бил Клинтон го именувал Кристофер Хил за амбасадор во Република Македонија.
1996.- Во Атина умрел Одисеас Елитис, грчки поет, прозаист и есеист. Во 1979 година ја добил Нобеловата награда за литература. Елитис бил најомилен меѓу грчкиот народ, најмногу благодарение на својата поема ,,Херојската тажаленка...“ и со неговото големо и многуопфатно дело ,,Аксион ести“. Роден бил во Ираклион, на 2 ноември 1911 година.
2003.- Претседателот на Ирак - Садам Хусеин, во едно од ретките појавувања пред јавноста, облечен во униформа, преку телевизијата им соопштил на Ирачаните дека го отфрлил американскиот ултиматум да оди во егзил или да се соочи со војна.
2004.- Во Скопје умрел Тодор Мицов, македонски писател и критичар. Автор бил на книгите поезија „Крепости“, „Деца деца... ах, деца“, „Приказни“ и на други дела. Роден бил во селото Калиманци, Виничко, на 12 јуни 1949 година.
2016.- На 86-годишна возраст во Скопје почина актерот Ацо Јовановски, бард на македонското актерство. Публиката ќе го памети по улогата на Досе во „Бегалка“, која станува една од неговите заштитни улоги. Јованоски играл и во над 60 филмови во поранешна СФР Југославија и во Македонија. Филмската кариера ја започнува со улога во првиот македонски филм „Фросина“ во 1952 година. По него следуваат „Мирно лето“, „Црно семе“, „Жед“, „Македонски дел од пеколот“, „Селска буна“, „Најдолгиот пат“, „Оловна бригада“, „Црвениот коњ“, „Јазол“, „Ангели на отпад“, како и многу ТВ филмови и серии како „Јагне на ражен“, „Илинден“, „Волшебното самарче“, „Претежно ведро“, „Трето доба“, „Погрешно време“... Прекарот „Снагата“, го добил зашто во младоста бил исклучително слаб, тенок и висок, а се правел важен во расправии и во боемските дискусии.
###