• петок, 20 декември 2024

На демонстрациите против пензиските реформи во Франција учествуваа 757.000 луѓе

На демонстрациите против пензиските реформи во Франција учествуваа 757.000 луѓе

Париз, 7 февруари 2023 (МИА) – Вкупно 757.000 луѓе демонстрираа денеска во Франција против пензиската реформа, според проценките на полицијата, додека синдикатот ЦГТ проценува дека речиси два милиони луѓе излегле на улиците.

Ова се трети демонстрации против пензиските реформи во Франција.

На денешните демонстрации во Париз, според француското МВР, имало 57.000, а според синдикатот 400.000 луѓе, исто како и на првиот ден од протестот на 19 јануари. Според властите и организаторите во многу градови во внатрешноста излегле многу помалку луѓе отколку на претходниот протест.

Третиот круг демонстрации против пензиските реформи се случи еден ден откако членовите на францускиот Парламент почнаа да расправаат за законот со кој ќе се зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години. Овој предлог-закон е клучен акт, чие усвојување сака да го постигне францускиот претседател Емануел Макрон за време на неговиот втор мандат.

Властите проценија дека минатата недела демонстрираа 1,27 милиони луѓе, што е повеќе од првите протести против пензиските реформи, одржани на 19 јануари низ целата земја.

За сабота се најавени нови демонстрации, на кои повикаа осум водечки француски синдикати. јт/

Остани поврзан