• петок, 26 јули 2024

На велешката Спомен-костурница премиера на видеоинсталацијата „Синергија во времето“ на уметникот Страхил Петровски

На велешката Спомен-костурница премиера на видеоинсталацијата „Синергија во времето“ на уметникот Страхил Петровски
Велес, 29 септември 2022 (МИА) - Во рамките на одбележувањето на Европските денови на културното наследство од 22 до 28 септември, ЛУ Народен музеј Велес се приклучи на чествувањето со премиерна видеоинсталација на Страхил Петровски - „Синергија во времето” (тема: „Одржливо наследство”), куратор Златко Теодосиевски, која доцна синоќа беше претставена на публиката присутна на Спомен-костурницата од НОВ кај Велес. Авторот Петровски за МИА изјави дека целта му била да направи уметничко дело во уметничко дело и за тоа ја одбрал Спомен-костурницата од НОВ  во Велес, бидејќи таа е дело на еминентните уметници Суботин, Денковиќ и Мазев и има повеќе симболично значење. - Прекрасен објект како некој спејс шатл или распукан шлем или како цвет. Посебно во времето во кое живееме кога постојано сме под некои притисоци и закани во време кога ни негираат јазик и идентитет и време во кое сме притиснати, угнетени буквално под некоја капа под некој шлем, а тоа го кажува самата видеоинсталација. Значи во видеоинсталацијата одиме низ еден тунел, па се движиме низ природата тоа што е релација живо - мртво, односно релацијата живот - смрт, темно - светло, значи тие контрасти кои ми се многу важни во моето сликарство и она што го работам во доменот на мултимедија, односно во моите инсталации, потенцира Петровски. Промоторот на изложбата Елица Николова, историчар на уметноста, и в. д. директор на ЛУ Народен музеј, потенцира дека авторот е инспириран од овој инспиративен простор, Спомен-костурницата, еден од објектите во Велес, која е дел од културното наследство на градот на нашите генерации, кој помеѓу другото ги спојува минатото и иднината, и кој нè спои и во сегашноста, преку желбата презентацијата да биде токму на оваа локација. Во отсуство на кураторот на изложбата Златко Теодосиевски, промоторот Николова прочита сегмент од неговиот текст кој се однесува и кон проектот и кон конкретниов простор во кој се наоѓаме... - Уметниците – Страхил особено – „летаат“ и во мислите, за нив реалното време како да не постои а светот, па и уметноста, се само движење, акција, синергија. Страхил, очигледно, молскавично се движи низ времето, минато и сегашно, ги собира во лет импресиите од неговите „патувања“ и ги складира во свеста, или потсвеста, да му бидат при рака кога ќе му затребаат. Ако останеме настрана, ако не го следиме – загубата е наша, ускратени сме од едно несекојдневно доживување на интерполација на едно уметничко дело, ова на Страхил, во друго уметничко дело, она на Суботин, Денковиќ и Мазев, наречено Спомен-костурница во Велес. Дали е тоа таа синергија за којашто говори насловот на видео делото на Страхил? Веројатно, иако секој може да генерира и свои синергии, други поврзувања и (вонвременски) асоцијации. Но, барем за потписникот на овие редови, оваа е најважната: синергиите помеѓу современото и минатото, историското и уметничкото, естетското и херојското, миговното и вечното... you name it!, напиша кураторот Теодосиевски. Воедно Николова информира дека оваа локална установа од областа на културата Народен музеј во рамките на одбележувањето на Европските денови на културното наследство 2022, со овој настан се вклучи во одбележувањето на Европските денови на културното наследство. - Горди што сме дел од повеќе од 50.000 настани што ќе се реализираат годинава низ целиот континент, кои имаат за цел да ја препознаат вредноста на заедничкото европско наследство и потребата тоа да се сочува за денешните и идните генерации. Авторот кој инспириран од овој навистина инспиративен простор, Спомен костурницата, еден од објектите во Велес кој е дел од културното наследство на градот на нашите генерации, кој помеѓу другото ги спојува нашето минато и нашата иднина, еве не спои и во сегашноста, преку желбата презентацијата да биде токму на оваа локација, појасни Николова. Таа информира дека во земјава на манифестацијата учество имаат дваесеттина музеи, граѓански здруженија и други институции. Годинешнава тема „Одржливо наследство“ е темата со која се става фокус на активната улога на заедниците, коишто градат поодржлива и посигурна иднина за европскто наследство, во контекст на климатските промени и ризиците што тие ги носат како заедничка иницијатива на Советот на Европа и Европската комисија, кои се помеѓу најшироко одбележуваните културни настани во Европа. -Ние се придружуваме кон оваа цел на Советот на Европа, да придонесеме во иницијативата за зачувувањето на секој сегмент на нашето културно наследство, кое не прави тоа што сме, посебни и единствени, различни, но во истовреме и дел од севкупното наследство на Европа и светот, да го зачуваме од секаков вид на уништување, не само од климатските промени кои се можеби пресудни во поразвиените земји, туку и од нашата негрижа и несовесно однесување кон она што со векови успеале да го зачуваат нашите предци, во услови кои биле многу поризични, подраматични од денешните, за ние денес со можностите кои ни ги нуди технолошкиот развој, поради меѓусебни недоразбирања да оставиме голем број на објекти да исчезнуваат пред нашите очи, а дел од наследството и да не можеме да го презентираме пред светот како свое, рече Николова. Таа потсети дека Велес како град посебно има со што да се гордее во однос на културното наследство, совелешките песни и ора, велешката чалгија,  сакралнатаи  профана  архитектура, со големиот број на цркви и манастири во кои својот дух и вештини ги вткајале голем број на градители и зографи, од непознатиот зограф и градител на манастирот „Св. Димитрија“ со карактеристичната архитектура на 14тиот век и фреските од истиот период кои се открија под фреските на познатиот Крсте зограф и фотограф од Велес, кои после 6 века излегоа на виделина со највпечатливата сцена во Припратата, Страшниот суд, кој и по толку векови со својата свежина и оригиналност како да не предупредува која одговорност ја имаме во нашите животи помеѓу другото и да ја зачуваме дедовината, а дел од екипата, заслужни за нивното откривање и презентација на мое огромно задоволство се вечерва помеѓу нас и со посебна почит ги поздравувам брачниот пар Муковски со нивните наследници. Меѓу најпознатите творци од Велес кои оставиле траг во богато културно наследство се познатите велешки зографи, Папрадишки, Зографски, Крсте зограф од Велес, градителот Андреја Дамјанов, Ѓорѓи Новаков-Џонгар, кои своето творештво го распослале и во сите соседни балкански земји и се алка која не поврзува со Европското културно наследство, а поезијата и прозата на Рацин и Неделковски се преведувани на голем број светски јазици со што стануваат нераскинлив дел на Европското наследство. Инаку, по премиерната изведба во Велес, оваа видеоинсталација цел месец ќе биде прикажана во Париз, најави авторот Страхил Петровски. ад/рп/

Остани поврзан