На „БитФест“ „Кларинетска одисеја“ со четири македонски мајстори на кларинет
- Најуникатната музичка четворка, македонските мајстори на кларинет Исмаил Лумановски, Благојче Трајковски, Горан Бојчевски и Благој Ламњов ќе одржат целовечерен концерт во Хераклеја.
Битола, 6 август 2025 (МИА) - Најуникатната музичка четворка, македонските мајстори на кларинет Исмаил Лумановски, Благојче Трајковски, Горан Бојчевски и Благој Ламњов ќе одржат целовечерен концерт во Хераклеја.
Културниот настан „Кларинетска одисеја“ е во рамки на „БитФест“ и е поддржан од Општина Битола, истакна градоначалникот Тони Коњановски на прес конференција на која учествуваше тимот што го подготвува концертот.
-„Кларинетска одисеја“ ќе биде спектакуларен концерт со наши, а светски виртуози. Концертот е во рамки на битолското културно лето и континуитет на импресивни настани што ни се случуваат ова лето во Битола. Уверен сум дека секој што утревечер ќе дојде во Хераклеја ќе се чувствува гордо на концертот на македонските мајстори на кларинет, истакна градоначалникот Коњановски.
На средба со битолските новинари, кларинетистот Благој Ламњов нагласи дека во Македонија постојат луѓе што ја препознаваат моќта на уметноста.
-Ние уметниците сме како цвеќе кое зависи од народот затоа што уметноста е многу повеќе од забава. Македонија има публика што препознава квалитет, убаво или кое цвеќе треба да се негува и честитам за организацијата на претстојниот концерт, посочи Ламњов.
Незаборавен концерт со многу емоции најавија кларинетистите кои како што рекоа ги обедини Културно информативниот центар од Битола. мт/дма/
Фото: МИА