Најторжествено за воскренската Велигденска литургија во Бигорски, присуствува над 5 илјади верници од нашата и од соседните земји
- Познатото македонско древно светилиште, Бигорски манастир, во деновите пред и за време на празникот на Христовото воскресение-Велигден, традиционално беше преполн со верници, но овој пат нив ги имаше многу повеќе. Знаејќи дека Велигден во Бигорски се прославува најторжествено, како никогаш до сега на воскренската Велигденска литургија присуствуваа над 5 илјади верници, од нашата и од соседните земји, што е двојно повеќе споредено со изминатите години.

Дебар, 22 април 2025 (МИА) – Познатото македонско древно светилиште, Бигорски манастир, во деновите пред и за време на празникот на Христовото воскресение-Велигден, традиционално беше преполн со верници, но овој пат нив ги имаше многу повеќе.
Знаејќи дека Велигден во Бигорски се прославува најторжествено, како никогаш до сега на воскренската Велигденска литургија присуствуваа над 5 илјади верници, од нашата и од соседните земји, што е двојно повеќе споредено со изминатите години.
- Во болскотот на оваа ноќ посветла од сите дни, кога сета твар замолчува пред славата на непобедливата Светлина, Свештената Бигорската Обител повторно беше озарена од нетварната убавина на Воскресението Христово. Во мигот кога насекаде се слушна победоносниот повик: „Христос Воскресе!“, целиот манастирски комплекс се претвори во сјајна Пасхална светлина, во неземна светлост која ги просветлува срцата и ги преобразува душите, велат од Обителта.
Како и секоја година, и овој пат од Светата земја тука пристигна Светиот благодатен оган, сведоштво на непрекинатото чудо на Воскресението, пламенот на надежта кој никогаш не згаснува. И годинава верниците го примија со трепет, со солзи, со љубов што гори посилно од секој оган, така што и храмот и дворот беа исполнети до последно катче со молитвени срца, што копнееја да ја вкусат вечната Пасха.
Празничното торжество го предводеше Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, со силна пасхална радост, со љубов што се прелеваше и која срца прегрнуваше, со благодатна тишина меѓу зборовите и со громогласно сведоштво на победата што вечноста ја воспева. Околу него, целото монашко братство и сестринство и морето од верници – како една душа, како едно срце, како едно тело Христово – сè во свечена Воскресенска симфонија.
- Христос воскресна од мртвите, со смрт смртта ја победи и на тие во гробовите живот им подари, одекна тропарот на победата и одѕвонуваше меѓу небесата и земјата. Ова не е обичен ден. Ова не е само спомен. Ова е реалност што ги потресува темелите на смртта и на времето. Христос воскресна и веќе ништо не е исто. Пеколот е лишен од својот плен. Стравот се растура. Смртта е победена. Слободата на децата Божји засветли во мракот.
Во мистичната ноќ на невечерниот Ден, низ планинската свежина, ангелски се разлеа химната на животот. Срцата, распнати на крстот на секојдневните борби, се спуштија во гробот на смирението и таму ја најдоа Пасхата красна – Христос, Кој воскреснува, Кој ослободува, Кој сè обновува. Како што вели Самиот: „Ете, сè ново создавам“.
Во словото владиката Партениј порача „Нека воскресенската радост на овој незалезен ден на Пасхата Господова вечно трепери во душите наши, нека биде почеток на живот нов, на живот победоносен, на живот вкоренет во Љубовта, Која ниту времето, ниту смртта не можеа да ја победат“.
-На овој Празник не треба многу зборување. Самиот ден говори. Самиот ден, Пасхата Христова, ја испраќа најсилната порака, ако само имаме срце да ја слушнеме. Таа порака, возљубени, не е тивка. Таа крши коски, буди срца, распарчува карпи. Оти, Воскресението не е теорија, не е идеологија – тоа е настан. Тоа е Светлина што влегува во мракот, живот што влегува во смртта. Христос воскресна – и ништо веќе не е исто. Отворете ги срцата свои. Ослободете се од сè што е мртво во вас, сè што е привид, сè што е гревовна навика. Станете нова твар! Немојте да бидете заспани Христијани кои само го носат името Христијани! Да, и светот, и ние, и нашите ближни – сите сме веќе уморни од Христијани без Христос, од живот без светлина, од вера без преобразување. А Христос токму тоа го донесе – преобразување, нов живот, нов почеток, рече меѓу другото во своето слово владиката Партениј.
Додаде дека дека да се биде Христијанин значи да се биде светлина во темнината, да се биде топлина во студот на светот, да се биде носител на надеж таму каде што другите гледаат безнадежност.
- Бог да ве благослови сите, возљубени. Бог да ја благослови нашата Татковина, да го утеши овој свет кој е толку растргнат од немири и војни. Христос, Кој е Бог на мирот, нека го подари Својот мир во срцата, во домовите, во народите. И особено ви посакувам вистинско, живо, благодатно соединение со воскреснатиот Христос. Секоја Литургија е Пасха. Секое причестување е воскресение, порача владиката.
Инаку, токму од Бигорскиот манастир почна традицијата на пренесување на благодатниот оган од Ерусалим на Велигден во нашава земја, во 2009 година, во организација на Епископот Антаниски г. Партениј, а тогаш преку пријатели од Грчката црква беше преземен од Солун. вт/цр
Фото: Бигорски манастир