Најмалку 23 повредени во тајфунот Лан во западна Јапонија, откажани над 560 летови
- Јапонската метеоролошка агенција соопшти дека поради силниот дожд, владата на префектурата Тотори прогласи највисоко ниво на вонредна состојба за нејзините околу 180 илјади жители.
Токио, 16 август 2023 (МИА) - Најмалку 23 лица се повредени во тајфунот Лан кој вчера го зафати западниот дел на Јапонија и стигна до полуостровот Кии. Поројните дождови предизвикани од невремето создадоа хаос во воздушниот и железничкиот транспорт токму за време на празниците, јавија јапонските медиуми.
Јапонската метеоролошка агенција соопшти дека поради силниот дожд, владата на префектурата Тотори прогласи највисоко ниво на вонредна состојба за нејзините околу 180 илјади жители.
Маж на околу 60 години во градот Вакајама бил пронајден во несвест, закачен на надворешен ѕид од зграда и се уште е во критична состојба. Меѓу повредените во западна Јапонија има и жена на 70-годишна возраст во Сакаи, префектурата Осака, која била погодена од покрив.
„Japan Airlines“ и „All Nippon Airlines“ вчера откажаа повеќе од 560 летови до и од западна Јапонија, при што беа погодени 50 илјади патници. Околу 650 луѓе беа принудени да преноќат на аеродромот Кансаи откако тајфунот ја прекина локалната железничка и патна мрежа. мс/
фото: ЕПА