Најмалку 20 загинати и 66 ранети е новиот биланс на руските напади во Тернопол, во западна Украина
- Русите во масовните напади употребиле 476 беспилотни летала и 48 ракети, наведуваат украинските воздухопловни сили. Од нив украинската армија соборила 442 дронови и 41 ракета.
Харков, 19 ноември 2025 (МИА) - Најмалку 20 лица, меѓу кои и две деца, се убиени, а 66 ранети во денешните руски воздушни напади врз цели во западна Украина, покажува новиот официјален биланс.
Русите во масовните напади употребиле 476 беспилотни летала и 48 ракети, наведуваат украинските воздухопловни сили. Од нив украинската армија соборила 442 дронови и 41 ракета.
Нападите особено биле насочени кон западните региони на Украина - Лвов, Ивано-Франковск и Тернопол.
Во Тернопол, најмалку 20 лица загинаа, меѓу кои и две деца, а 66 беа ранети, според најновите податоци од спасувачките служби.
Во бомбардирањето „се оштетени станбени згради, индустриски објекти и магацини“ и се предизвикани „пожари од големи размери“, објави украинското Министерство за внатрешни работи.
Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, денеска е во Турција во обид да ги „оживее“ мировните преговори со Русија.
Во Анкара Зеленски ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, а според француските медиуми потенцијално и со американскиот претставник Стив Виткоф, кој се уште не го потврди своето учество.сд/
фото:МИА архива