• понеделник, 04 ноември 2024

Најмалку 14 повредени и четворица приведени, меѓу кои и новинар по синоќешните инциденти меѓу полицијата и сезонските пожарникари

Најмалку 14 повредени и четворица приведени, меѓу кои и новинар по синоќешните инциденти меѓу полицијата и сезонските пожарникари

Атина, 1 ноември 2024 (МИА) – Најмалку 14 лица се повредени, а четири се приведени, меѓу кои и еден новинар по синоќешните инциденти во и вон објектот на Министерството за цивилна заштита и климатски кризи на Грција, откако полицијата со солзавец и топови вода интервенираше против сезонските пожарникари кои одржаа протест, јави дописничката на МИА од Атина.

Според информациите во Грција, повредени се 12 полицајци и најмалку двајца сезонски пожарникари.

Меѓу приведените и е и новинар од весникот „Ризоспастис“, кој подоцна бил и уапсен, а од Здружението на новинари и Асоцијацијата на странски дописници во Грција излегоа со осуда за апсењето на Јоргос Андруцос, додека тој известуваше за протестот на сезонските пожарникари пред Министерството за климатски кризи и цивилна заштита.

Во соопштенијата посочуваат дека од аудио-визуелниот материјал што постои, имало „неиспровоциран напад се случил и покрај тоа што полицајците биле информирани за новинарскиот статус на жртвата“

- Обезбедувањето на слободата на медиумите е основна уставна обврска на секоја организирана држава. Постапките како оваа брутално ги поткопуваат вредностите на демократијата и функционирањето на печатот, соопштија од Здружението на новинари.

Сезонските пожарникари, на кои вчера им завршија договорите со завршувањето на сезоната на пожари, бараат постојани вработувања и работа во текот на целата година и за тоа цел организираа собир пред надлежното Министерство, а вчера попладне успеаја да влезат во објектот, по што интервенираше полицијата и со употреба на сила и солзавец, како што самите објавија на социјалните мрежи, да ги растера.

Како што синоќа објави МИА, инцидентите продолжија и пред Министерството, а полицијата интервенираше со солзавец, шок бомби и топови вода.

Од грчката полиција соопштија дека „по завршувањето на средбата на претставници на сезонските пожарникари со претставници на Министерството, во вечерните часови останаа во зградата на Министерството, а по комуникација со надлежниот обвинител им беше даден рок да си заминат“, но и дека не напуштиле објектот, нанеле штета и фрлале предмети кон полицајците, „при што е повреден полициски службеник“.

Сезонските пожарникари од утрово одржуваат нов протест пред грчкиот Парламент. ср/сд/

Остани поврзан