• четврток, 04 декември 2025

Најмалку 10 загинати во експлозија на автомобил-бомба пред седиштето на пакистанските паравоени безбедносни сили во Квета

Најмалку 10 загинати во експлозија на автомобил-бомба пред седиштето на пакистанските паравоени безбедносни сили во Квета

Исламабад, 30 септември 2025 (МИА) - Најмалку 10 лица загинаа, а 32 беа ранети кога автомобил-бомба експлодираше пред седиштето на пакистанските паравоени безбедносни сили во југозападниот град Квета денеска, соопштија властите.

Пред да го детонираат возилото, четворица напаѓачи кои биле во автомобилот излегле и се вклучиле во жестока престрелка со војската.

Локалните жители рекоа дека експлозијата била толку силна што можела да се чуе на километри. Брза помош била повикана на местото на настанот, а повредените биле однесени во блиските болници.

Ниту една група веднаш не ја презеде одговорноста, иако сомнежот веројатно ќе падне врз сепаратистичките групи кои често напаѓаат цивили и безбедносни сили во покраината Белуџистан, чиј главен град е Квета.

Според покраинскиот министер за здравство, Бахат Какар, постојат стравувања дека бројот на жртви би можел дополнително да се зголеми.

Локалните телевизиски канали и снимките од безбедносните камери од местото на експлозијата покажаа автомобил како се приближува до портата на паравоениот комплекс. Следеше експлозија и можеше да се слушне пукотница. Прозорците на околните згради беа скршени, а блиските автомобили исто така беа оштетени, покажа снимката.

Главниот министер на покраината Белуџистан, Сарфраз Бугти, го осуди нападот, велејќи дека безбедносните сили возвратиле на оган и ги убиле сите четворица напаѓачи.

„Терористите не можат да ја скршат решителноста на нацијата преку кукавички дела и жртвите на нашиот народ и безбедносните сили нема да бидат залудни“, рече Бугти во соопштението. Тој додаде дека неговата влада останува посветена на тоа да ја направи покраината мирно и безбедно место.

Последниот напад се случи неколку недели откако бомбаш самоубиец се разнесе пред стадион во близина на Квета, додека поддржувачи на националистичка партија го напуштаа митингот, убивајќи најмалку 13 лица, а ранувајќи уште 30.

Белуџистан долго време е место на бунт, при што групи како што е забранетата Ослободителна армија на Белуџистан бараат независност од централната влада. Сепаратистите ги напаѓаат безбедносните сили и цивилите во регионот и на други места. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан