• четврток, 26 март 2026

Најмалку тројца загинати во израелски напад врз Либан, ИДФ тврди дека елиминирала командант на Хамас

Најмалку тројца загинати во израелски напад врз Либан, ИДФ тврди дека елиминирала командант на Хамас

Бејрут, 9 јули 2025 (МИА) – Министерството за здравство на Либан соопшти дека најмалку три лица се убиени, а 13 се повредени во синоќешниот израелски напад во близина на градот Триполи.

Израелската армија соопшти дека го елиминирала членот на Хамас, Мехран Мустафа Бајура, организатор на голем број напади брз израелската армија и цивили.

- Бајур беше еден од клучните команданти на Хамас во Либан и како дел од својата улога, со години воспоставуваше воени капацитети на Хамас во Либан, се наведува во соопштението на ИДФ.

Хамас сè уште не ги коментирал тврдењата на ИДФ.

Конфликтот помеѓу Израел и Хезболах во Либан ескалираше во целосна војна во септември 2024 година. На 27 ноември беше постигнат Договор за прекин на огнот, но израелската армија продолжи со нападите врз јужен Либан. Оттогаш, либанските власти пријавија речиси 3.000 израелски прекршувања на примирјето, при што загинале најмалку 232 лица и повредени се над 530.

Согласно Договорот за прекин на огнот, Хезболах треба да се разоружи и да ја отстрани воена инфраструктура јужно од реката Литани, на околу 30 километри од израелската граница. Додека Израел треба да ги повлече своите сили од либанска територија, но да задржи пет стратешки гранични пунктови. ми/

фото: ДПА архива

Остани поврзан